Владините партнери ДУИ и СДСМ со спротивни ставови по однос на барањето на опозицијата за предвремени избори. Ако за премиерот Зоран Заев предлогот на ВМРО – ДПМНЕ заслужува да биде разгледан, за Али Ахмети избори заедно со референдумот не се решение.
„Верувам дека избори не се решение“, рече Ахмети.
Пред два дена премиерот Зоран Заев посочи дека предлогот на опозицијата за предвремени парламентарни избори би бил прифатлив само ако гарантира успешен референдум.
„Ако ова го гарантира успешниот референдумски процес како процес зборувам, граѓаните ќе си го кажат самите, но ако успее процесот и го постигнеме цензусот да ги мотивираме граѓаните да излезат по вака историско прашање, сите опции се отворени, па дури и ова и тоа заедно ќе го рагледуваме во периодот пред нас“, рече премиерот Заев.
Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицскоски побара предвремени избори од протестниот марш во Кавадарци во неделата. Сепак условот на опозицијата е ако има избори тие да бидат спроведени по принципот на Пржинскиот модел: Тоа значи на 100 дена пред гласањето да се формира техничка влада во која свои министри ќе има и ВМРО – ДПМНЕ, исто како што пред две години беше направено и за СДСМ кога таа партија беше во опозиција. Според Мицкоски, така организирани избори ќе влеат сигурност дека изборниот процес ќе помине фер и без притисоци.7