Актуелно 19.07.2018 11:46

Утре Косово почнува трета трговска војна со Македонија

Утре Косово почнува трета трговска војна со Македонија
Косово во петок почнува третата трговска војна со Македонија во последниве 10 години. Земјата привремено, во следните 90 дена, ќе ги зголеми царините за 30% за 21 земјоделски производ за да го заштити сопственото производство. И додека македонските земјоделци и бизнисмени на големо алармираат дека ова ќе значи пропаст за и така лошата сезона, македонскиот министер за економија и косовскиот за регионален развој се сретнаа да зборуваат за туризам. Македонското министерство за земјоделство дури денеска било информирано за повисоките царини, ЦЕФТА исто така не била известена, а од министерството за економија велат дека допрва ќе прават анализи за тоа како да реагираат и дали ќе воведат реципрочни мерки.
Косовскиот министер за регионален развој се правда дека земјата морала да ги воведе овие мерки за да го заштити сопственото земјоделско производство. Вели мерките не биле конкретно насочени кон Македонија, туку се однесуваат на увозот од било која држава.
Земјоделците бесни. Годинава поради временските неприлики настрадаа скоро сите култури, откупот е проблематичен, а овој удар, велат ќе ги дотолчи. Реагираат дека ова драстично ќе ги поскапи овошјето и зеленчукот.
За бизнисмените, одлуката на Косово е неразумен потег и може да се коси со Спогодбата на ЦЕФТА. Бараат Косово да ја преиспита мерката, бидејќи штетите ќе бидат огромни.
Повисоките царини ќе удрат врз производството и пласманот на доматите, пиперките, компирот, краставиците, бостанот, зелката, спанаќот, кромидот, морковот, гравот, пченката и речиси сите овошја. Од стартот на годинава, извозот на земјоделски производи во Косово изнесува 6 илјади тони во вредност од 1.5 милион евра, додека лани биле извезени 9.400 тони или 2,36 милиони евра.
Извор: Алфа