Економија 11.11.2024 12:01

Раст на европските берзи, пад на азиските почетокот од седмицата

Раст на европските берзи, пад на азиските почетокот од седмицата

На европските берзи во понеделникот во претпладневното тргување цените на акциите пораснаа, надоместувајќи ги загубите од минатата седмица, следејќи го растот на њујоршки Волстрит каде берзанските индекси во петокот достигнаа рекордни нивоа.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот пресек од тргувањето порасна за 0,8 отсто, надополнувајќи дел од загубите од минатата седмица. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,72 отсто, на 8.130 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 1,16 отсто, на 19.437 поени, а париски CAC зајакна за 1,04 отсто, на 7.415 поени.

Така, европските берзи го следат растот на Волстрит во петокот, кога Dow Jones, S&P 500 и Nasdaq индексот достигнаа нови рекордни нивоа, благодарение на победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД и намалувањето на каматните стапки од страна на американската централна банка.

А на повеќето азиски берзи цените на акциите паднаа. Азискиот индекс MSCI беше во минус од 0,2 отсто во истиот момент од пресеко на тргувањето како и во Европа. Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei зајакна за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Шангај пораснаа за 0,5 отсто. Во Австралија, Јужна Кореја и Хонгконг паднаа меѓу 0,3 и 1,5 отсто.

Повеќето азиски берзи се во пад по серијата послаби од очекуваното кинески економски податоци објавени во текот на викендот. Дополнително, во петокот заврши седницата на кинескиот Конгрес на која беше прифатен стимулативен пакет вреден речиси 1.400 милијарди долари за санација на долговите на локалните самоуправи и стабилизирање на економскиот раст.

Но, пакетот ги разочара оние инвеститори кои се надеваа на директна инјекција на пари во економијата.

„Пакетот е разочарување за оние кои очекуваа огромни фискални трошења, но тоа беше нереално. Целта на политиката е да се постигне целната стапка на раст на бруто домашниот производ од околу 5 проценти“, пишуваат аналитичарите на „Macquarie Bank“ во својот осврт на состојбата на пазарот.

Покрај тоа, на кинеските берзи се тргува претпазливо, бидејќи ново-стариот американски претседател Доналд Трамп најави зголемување на царините за увоз на кинески производи. А зголемувањето на царините може да предизвика одговор од Кина, па повторно, како и во претходниот мандат на Трамп, може да дојде до зајакнување на трговските тензии меѓу двете најголеми светски економии.