Бројот на загинатите во пожарите во регионот Атика се искачи на 80, откако еден 84-годишен маж им подлегна на повредите во атинската болница, каде што беше пренесен со сериозни изгореници.
Како што претходно јави дописничката на МИА од Атина, според официјалните податоци од грчката противпожарна служба, објавени пред да биде соопштено дека повредениот им подлегна на повредите, 79 лица го загубија животот во пожарите, а и понатаму е непознат бројот на исчезнати лица.
– Досега добивме десетици повици за регистрирање на исчезнати лица. Со оглед на тоа дека во тек е процесот на идентификација на телата на загинатите, можно е меѓу исчезнатите да се вклучени и овие 79 лица, чии тела се пронајдени, како и лица кои се вратија кај нивните најблиски, без да ги информираат надлежните власти, рече портпаролката на грчката противпожарна служба, Ставрула Малири и додаде дека и денеска продолжува потрагата по исчезнати во опожарените населби Вуѕа, Мати и Рафина.
Паралелно, таа уште еднаш порача дека граѓаните чии блиски се исчезнати треба да пријават на бројот на противпожарната служба за да се одреди точниот број на лица на кои им се губи секаква трага.
МИА