Денеска во Регионалниот центар за односи со јавноста во Касарната „Гоце Делчев“ во Скопје се одржа редовниот годишен брифинг со одбранбени аташеи на кој се обратија министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и доајенот на Асоцијацијата на одбранбени аташеи, хрватското одбранбено аташе полковник Стјепан Домјанчиќ.
Министерот Мисајловски во своето обраќање потенцираше дека денешниот брифинг како и средбите кои се реализираат со одбранбените аташеи е јасен доказ за нашата посветеност на билатералната и мултилатералната одбранбена политика и соработка.
„И мојата татковина, и државите кои ги претставувате се дел од еден глобален меѓународен поредок кој може да функционира и да ја гарантира безбедноста на своите граѓани само ако соработуваме искрено и посветено и ако имаме една цел пред нас – а, тоа е мирот, стабилноста и демократијата“, рече Мисајловски.
Мисајловски се осврна и на идниот развој за одбраната и Армијата и одбранбениот буџет од кој 32 проценти се наменети за модернизација и опремување.
„Споредено со 2024 година тоа се над 18 милиони евра повеќе за нова и модерна опрема, за посилна Армија, за посилна колективна одбрана во НАТО – Алијансата. Тоа е уште еден неоспорен доказ дека нашата држава е активен и посветен сојузник“, истакна министерот Мисајловски.
Трите развојни приоритети во одбраната – стабилното буџетирање, засилувањето на процесот на модернизација и целосното почитување на правата и обврските кон вработените, успешно се реализирани, рече Мисајловски и додаде дека на ист начин ќе продолжиме да работиме и следната година.
Генералот Лафчиски упати благодарност до одбранбените аташеи за помошта во градењето и модернизацијата на одбранбените капацитети преку билатералната соработка, но и преку многубројните вежбовни активности. „Следната 2025 година оваа поддршка, оваа соработка и со вас, меѓутоа онаа поддршка која ќе ја добиеме од Министерството и од Владата ќе биде уште повеќе изразена“, потенцираше тој.
Полковникот Стјепан Домјанчиќ упати благодарност до раководството во Министерството и Генералштабот за можноста од прва рака да се слушнат пораките за развојот на одбранбениот сектор и нагласи дека земјава е препознаена и ценета членка во НАТО и дека македонската надворешна политика е целосно усогласена со надворешната и безбедносна политика на Европската Унија.
На брифингот со одбранбените аташеи се дава целосен осврт на меѓусебната соработка во годината што изминува, а се разговара и за чекорите кои ќе се превземат следната, 2025 година.