Претседателот на Собранието на Република Македонија, Африм Гаши, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман.
Претседателот Гаши изрази благодарност за нејзиниот ангажман во зајакнувањето на пријателските односи и парламентарната соработка меѓу двете земји, како и за континуираната поддршка што Швајцарија ја дава на европската интеграција на нашата држава. Посебно беше истакнат придонесот во основањето и развојот на Парламентарниот институт, кој претставува трајно наследство од нејзиниот мандат.
Амбасадорката Улман ја оцени својата мисија во Македонија како исклучително плодна и успешна, со бројни ангажмани кои резултираа со позитивни промени, особено во работата на Собранието и во јакнењето на неговите институционални капацитети. Таа изрази надеж и уверување дека и во иднина Собранието ќе продолжи да работи со истата посветеност, капацитет и консензус.
На крајот, претседателот Гаши ѝ посака натамошен успех во кариерата, нагласувајќи дека нејзиниот личен ангажман и посветеност оставија позитивен и траен впечаток во односите меѓу двете земји.