Актуелно 22.12.2025 12:53

Мисајловски: Годинава силно ги развивавме армиските капацитети, во 2026 продолжуваме со интензивна модернизација

Мисајловски: Годинава силно ги развивавме армиските капацитети, во 2026 продолжуваме со интензивна модернизација

– Трите приоритети на кои почива одбраната…тоа е стабилно буџетирање, дополнителен стимул во процесот на модернизација и целосното почитување и унапредување на правата и обврските кон вработените, се приоритетите кои можеа да се увидат во секој исчекор кој го направивме во 2025 година, рече министерот за одбрана Владо Мисајловски на денешното редовно брифирање со одбранбените аташеи акредитирани во земјава.

Министерот посочи дека во 2025 година „министерството и Армијата продолжија со јакнење на одбранбените способности и капацитети, го забрзаа процесот на модернизација и го подигнаа нивото на интероперабилност со нашите сојузници“, истовремено истакнувајќи дека и во 2026 година ќе се задржи нивото на стабилен раст на одбранбениот буџет.

– Следната година, одбранбениот буџет е во висина од 358 милиони евра, што е 8,4 проценти повеќе од овогодинешниот буџет. Со зголемување од над 27,7 милиони евра во буџетот на одбраната за следната година, гарантираме уште посилен развој и уште помодерна Армија со посилни капацитети – за национална и за колективна безбедност, порача Мисајловски.

Во однос на модернизацијата на Армијата, министерот информираше дека во 2026 година одвојуваме 116 милиони евра, што е речиси 10 милиони евра повеќе од годинава. Тој ги посочи и проектите кои се во фокусот како подигнувањето на стандардите и подобрување на мобилноста,  системите за огнена поддршка, комуникациските системи и средствата за личната заштитна опрема за секој припадник на Армијата. Напори ќе бидат вложени и во сајбер безбедноста и отпорноста на државата, како и во хармонизацијата на одбранбеното планирање со сојузниците.

Мисајловски се осврна и на подмладувањето на Армијата, истакнувајќи дека во 2026 година планиран е прием на нови 300 професионални војници.

– За 2026 година имаме јасна цел – одбранбениот систем да биде модерен, функционален, отпорен и целосно усогласен со напорите за одвраќање и одбрана во контекст на колективната одбрана, кризниот менаџмент и кооперативната безбедност, заклучи министерот.

Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски упати благодарност до одбранбените аташеи за конструктивниот дух и посветеноста, како и за блиската соработка со институциите и единиците на Армијата, истакнувајќи дека „ова партнерство не само што ги зајакна професионалните врски, туку придонесе и кон градење трајни односи засновани на меѓусебна почит и заеднички вредности“. Генералот Лафчиски, осврнувајќи се на иднината изрази уверување дека „преку продолжена соработка и отворена комуникација, дополнително ќе ги унапредиме нашите заеднички напори во насока на регионалната стабилност, меѓународната безбедност и исполнувањето на заедничките одбранбени цели“.

На настанот се обрати и доајенот на Асоцијацијата на одбранбени аташеи, романското аташе полковник Каталин-Петре Арцип кој порача дека Армијата дава силен придонес кон безбедноста на регионот и пошироко.