На денешната седница за пратенички прашања во Собранието се обрати Драгана Арсова, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, која постави три пратенички прашања до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во врска со вчерашните организирани протести од страна на Сојузот на синдикати на Македонија, учеството на владината делегација на светскиот економски форум во Давос, како и за тоа дали од Европската Унија се очекува промена на одлуката за ограничениот престој во земјите на Шенген зоната.
„Вашето учество и учеството на владината делегација на годишниот состанок на светскиот економски форум во Давос беше можност Македонија да се позиционира на светската економска мапа и да ги презентира своите потенцијали пред највлијателните економски и политички актери во светот. Давос не е само место за разговори туку економски форум кој ги обединува светските политички бизнис лидери, експерти, и претставници на граѓанското општество со цел да се одговори на клучните глобални предизвици и да се утврдат приоритетите за следниот период. Со кого конкретно остваривте средби во Давос, кои се клучните пораки и заклучоци од тие разговори и што можат да очекуваат граѓаните и македонската економија во периодот што следи?“, праша Арсова.
Арсова постави прашање до претседателот Мицкоски и во врска со вчерашните организирани протести од страна на Сојузот на синдикати на Македонија, на кои присуствувале поранешни и сегашни претставници на СДС.
„Сведоци сме дека во текот на вчерашниот ден од страна на Сојузот на синдикати на Македонија под водство на претседателот Трендафилов беше организиран протест, на кој забележавме дека имаше претставници актуелни, поранешни советници од СДС и истите го поддржаа. Ние во изминатиот период видовме дека Владата уште на самиот почеток на мандатот потпиша колективни договори за покачување на платите во образованието и здравството, се зголемија и платите во Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, се интервенираше и во зголемувањето на платите кај социјалните работници. Што сметате за чекорот кој го презема Сојузот на синдикати и организирањето на протестот, и што вие како Влада понудивте се со цел изнаоѓање на решение на проблемот со платите?“, запраша Арсова.
На крај Арсова го постави и последното прашање во врска со блокадите на граничните премини од страна на превозниците и запраша дали би се очекувало позитивен одговор за промена на ваквата одлука од страна на Европската Унија.
„Три дена по ред трае блокадата на граничните премини од страна на превозниците, тие не отстапуваат и бараат да се тргне правилото за ограничен престој во земјите на Шенген зоната. Дали очекувате позитивен одговор од Европската Унија и дали разговаравте со Брисел дали може да се очекува промена на ваквата одлука?“, праша Арсова.