Економија 13.02.2026 10:01

Македонија станува доверлив европски и трансатлантски партнер, економски и политички исчекори на меѓународната сцена

Македонија станува доверлив европски и трансатлантски партнер, економски и политички исчекори на меѓународната сцена

По договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, како и по затворањето на пост-мониторинг дијалогот со Советот на Европа по цели 26 години, МАкедонија во краток временски период доби уште една значајна меѓународна потврда за својот политички и институционален курс. Доцна синоќа, Белата куќа објави Заеднички договор меѓу Соединетите Американски Држави и Македонија за воспоставување рамка за реципрочна, фер и избалансирана трговија, со што официјално се отвора патот кон сеопфатен билатерален трговски договор.

Со постигнатиот договор меѓу САД и МАкедонија се истакнува дека двете земји се согласиле на принципи кои имаат за цел да ја зајакнат економската соработка и да обезбедат проширен пристап на извозниците од двете држави до меѓусебните пазари. Според договорената рамка, Македонија ќе ги укине царинските давачки за сите индустриски и земјоделски производи со потекло од САД што се извезуваат на домашниот пазар, додека американската страна ќе задржи реципрочни тарифи за македонските производи на ниво не повисоко од 15 проценти. Истовремено, ќе бидат идентификувани категории производи и индустрии за кои тарифната стапка ќе биде целосно укината, односно ќе изнесува 0 проценти, што се смета за значаен исчекор за македонските извозници.

Покрај тарифните прашања, рамката опфаќа и обврски за адресирање на нефискалните бариери кои со години влијаат врз билатералната трговија, особено во чувствителни и приоритетни сектори. Во таа насока, предвидени се редовни консултации и механизми за спречување на идни трговски ограничувања, како и посебен фокус на олеснување на пристапот на земјоделските производи на двата пазари. Овие одредби имаат за цел да создадат предвидлива и стабилна деловна клима, што е клучно за привлекување инвестиции и за долгорочно економско планирање.

Значаен дел е посветен и на енергетиката, каде се нагласува поддршката за изградба на гасниот интерконектор со Грција како стратешки инфраструктурен проект. Со неговото ставање во функција, Македонија ќе добие можност за диверзификација на енергетските извори и пристап до американски течен природен гас, што претставува важен елемент во јакнењето на енергетската безбедност и намалувањето на зависноста од еден снабдувач. Во поширок контекст, оваа компонента го позиционира договорот не само како трговски, туку и како геоекономски и безбедносен инструмент.

Документот содржи и обврски поврзани со заштитата на животната средина и дигиталната економија, области кои се меѓу приоритетите на современите трговски договори. Македонија се обврзува да одржува високо ниво на еколошка заштита и ефикасно спроведување на постојното законодавство, како и да не воведува данок на дигитални услуги и да ја поддржува меѓународната мораториумска одлука за царини на електронски преноси во рамките на Светската трговска организација. Овие заложби ја усогласуваат земјата со глобалните трговски и технолошки трендови и испраќаат сигнал за подготвеност за учество во дигиталната економија.

Паралелно со ова, одлуката на Парламентарното собрание на Советот на Европа за затворање на пост-мониторинг дијалогот со Македонија по повеќе од две и пол децении има силна институционална и политичка тежина. Со оваа резолуција се признава одржливиот напредок на државата во областа на демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и соработката со телата на Советот на Европа. Наместо посебен надзорен механизам, Македонија ќе биде следена преку редовниот периодичен преглед, што претставува стандардна практика за земјите членки кои достигнале одредено ниво на демократска стабилност.

Во европски контекст, оваа одлука има дополнително значење, бидејќи постои тесна координација меѓу мониторинг механизмите на Советот на Европа и процесот на проширување на Европската Унија. Исполнувањето на обврските кон Советот на Европа се смета за еден од клучните предуслови за напредок во евроинтеграциите, што ја прави оваа резолуција важен аргумент во насока на потврдување на европската перспектива на земјата.

Понатаму, договорот што Македонија лани го потпиша со Обединетото Кралство претставува стратешко партнерство кое опфаќа повеќе клучни области на соработка меѓу двете држави. Во областа на одбраната, договорот предвидува заеднички иницијативи, размена на знаење и технологии, како и поддршка за јакнење на националната безбедност и одбранбените капацитети. Економската соработка е исто така централна компонента, со фокус на олеснување на трговијата, создавање поволна инвестициска клима и поттикнување на долгорочни економски партнерства.

Договорот дополнително опфаќа инвестиции во клучни сектори, со што се овозможува поддршка за развој на инфраструктурни и стратешки проекти кои имаат значење за економскиот раст и конкурентноста на македонската економија. Во областа на образованието и развојот на човечкиот капитал, предвидени се програми за размена, обуки и поддршка за иновации, што треба да придонесе за унапредување на квалификациите на работната сила и модернизација на образовниот систем.

Една од значајните компоненти на договорот се гаранциите за заштита на граѓанските слободи и права, што ја истакнува посветеноста на двете страни кон почитување на демократските стандарди, владеењето на правото и човековите права. Тоа го позиционира договорот не само како економски и стратешки инструмент, туку и како основа за стабилни и доверливи меѓудржавни односи.

Во целост, како договорот со САД и овој договор со Велика Британија претставува рамка за долгорочна соработка меѓу македонската и британската држава, со фокус на подобрување на инвестициската клима, олеснување на економската соработка и создавање предуслови за заеднички развојни проекти. Истовремено, тој испраќа јасен сигнал до меѓународната заедница дека македонската држава гради стабилни институции, почитува демократски стандарди и е подготвена да учествува во стратешки партнерства со западните земји.

Земајќи ги во предвид, договорот за партнерство со Обединетото Кралство, затворањето на пост-мониторинг дијалогот со Советот на Европа и рамката за реципрочна трговија со САД, формираат конзистентна слика за Македонија како држава која гради стабилни институции, ги почитува демократските стандарди и истовремено се позиционира како активен и доверлив економски партнер на Западот. Овие процеси не значат крај на реформските обврски, ниту автоматски економски бенефити, но претставуваат цврста основа врз која може да се гради подлабока економска соработка, зголемена инвестициска привлечност и забрзување на евроатлантските интеграции.