Во 2017 година во аудио и аудиовизуелната медиумска индустрија во Македонија се остварени најниски вкупни приходи во последните пет години. Вклучително од 2013 година стапката на раст на вкупните приходи во индустријата секоја година била негативна, а анализата на пазарот на аудио и аудиовизулени медиумски услуги за 2017 година покажува дека приходите се намалиле најмногу во последната година, за 10,35 проценти.
Вкупните приходи што во 2017 година заеднички ги оствариле сите радиодифузери (Македонската радиотелевизија, 54 комерцијални телевизии и 70 радиостаници) изнесувале 2.608,84 милиони денари, а 54,48 отсто се вкупните приходи на комерцијалните телевизии од 1.421,32 милиони денари. Приходите на МРТ од 1.037,49 милиони денари претставуваат 39,77 отсто, а приходите на радиостаниците од 150,03 милиони денари се 5,75 отсто од вкупните приходи на сите радиодифузери. Речиси 90 осто од овој износ, приходите од рекламирање (53 проценти) и приходите н а МРТ од радиодифузна такса и од средствата префрлени од Буџетот на Македонија согласно членот 105 – финансирање на МРТ и членот 135 -средства за финансирање на радиодифузната дејност (37 отсто од вкупните приходи). Останатите 10 отсто од вкупните приходи во индустријата се приходите остварени по сите други основи.
Приходите од рекламирање изнесувале 1.383,61 милиони денари., од кои 90,04 отсто отпаѓа на комерцијалните телевизии, 8,15 отсто на комерцијалните радиостаници, а 1,81 процент на МРТ. Исто како и вкупните приходи, во 2017 година биле остварени и најниски приходи од рекламирање во последните пет години.Според анализата, истата година, петте телевизии кои емитуваат програма преку дигитален терестријален мултиплекс на државно ниво (ТВ Сител, ТВ Канал 5, ТВ Телма, ТВ Алсат – М и ТВ Алфа), оствариле приход од 1,071.89 милиони денари. Ова е најмал износ на вкупните приходи на овие пет телевизии во последните пет години. Во споредба со претходната година приходите се пониски за 2,65 отсто.
Освен во 2014 година, кога биле остварени за 3,10 отсто повеќе приходи отколку во претходната година, во следните три години во континуитет се намалувал износот на овие приходи, достигнувајќи 1.383,60 милиони денари во 2017 година.
Од рекламирање помалку приходи од рекламирање оствариле и јавниот и комерцијалниот сектор, односно, приходите на комерцијалните телевизии биле за 5,68 проценти пониски отколку во 2016 година, односно за 74,96 милиони денари. МРТ остварила приходи понискиза 43,30 отсто (19,15 милиони помалку), а комерцијалните радиостаници 20,93 отсто помалку од 2016 година (29,84 милиони денари).
„Сите три сегменти од индустријата оствариле помалку приходи отколку во претходната година, и тоа МРТ за 152,34 милиони денари, комерцијалните телевизии за 118,87 милиони денари, а комерцијалните радиостаници за 30,10 милиони денари. Повисоки приходи отколку во 2016 година остварила само ТВ Телма (за 31,02 отсто). Останатите четири телевизии забележале пад на приходите и тоа: ТВ Алфа за 22,12 отсто, ТВ Алсат – М за 7,29 отсто, ТВ Сител за 4,55 отсто и ТВ Канал 5 за 0,64 отсто“, стои во анализата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).
Вкупниот број на радиодифузери во 2017 година се намалил за шест. На почетокот на минатата година, покрај јавниот радиодифузен сервис, програма емитувале уште 134 радиодифузери (63 телевизии и 71 радиостаница), а на крајот на годината вкупно 128, од кои 58 телевизии и 70 радиостаници.