Квалитетот на јавните политики, нивната предвидливост и начинот на кој се вклучуваат засегнатите страни во процесот на нивно креирање се важни предуслови за подобро деловно окружување, значајни иновации, поголема конкурентност и долгорочно одржлив економски развој. Ова беше во фокусот на работниот дијалог „Редефинирање на креирањето јавни политики: од консултации до заедничко создавање“, организиран од Американската стопанска комора (АмЧам) во Македонија, со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје.
На настанот учествуваа претставници на компании членки на АмЧам, институции и други релевантни чинители, со цел да се отвори конструктивна дискусија за тоа како процесите на одлучување можат да станат поинклузивни, подобро засновани на податоци и насочени кон практични резултати.
Стивен Езел, потпретседател за глобална иновациска политика во Information Technology and Innovation Foundation – ITIF од Вашингтон, ги претстави меѓународните искуства за тоа како успешните економии ги дизајнираат, спроведуваат и оценуваат јавните политики засновани на докази, со посебен осврт на врската меѓу регулаторната предвидливост, иновациите, инвестициите и долгорочната конкурентност, информира АмЧам.
Во дискусијата беше истакнато дека тековното ниво на иновации не е доволно за потребите на економијата и дека е потребен поамбициозен пристап кон создавање услови што ќе поттикнуваат развој, примена и комерцијализација на иновации.
– Учесниците посочија дека Македонија има солидни основи во делот на образуван кадар, дигитална адаптација и високотехнолошки извоз, но дека недостасуваат поконзистентни политики, регулаторна рамка што поттикнува иновации, како и поширока култура на иновации и преземање ризик. Посебен акцент беше ставен и на потребата од долгорочна предвидливост во јавните политики, подобра подготвеност за реализација на стратешки проекти и поголем фокус на секторите во кои државата може да изгради конкурентска предност, особено во енергетиката, дигиталните услуги, инфраструктурата и индустриите со повисока додадена вредност. Беше нагласено и дека малите економии како Македонија треба повеќе да се фокусираат на побрза имплементација и примена на постоечки технологии и бизнис модели, наместо да се обидуваат да конкурираат во создавање целосно нови технологии – велат од АмЧам.
Како дел од посетата на Стивен Езел, АмЧам организираше и посебна затворена CEO тркалезна маса на тема „Конкурентност во новата иновациска економија: што може да направи Македонија сега“, на која извршни директори од компании членки на АмЧам дискутираа за предизвиците поврзани со растот, иновациите, инвестициите и продуктивноста на домашната економија. Во рамки на дискусијата беше отворено и прашањето за потребата од поактивна соработка меѓу институциите, бизнис-заедницата и академската заедница во процесот на креирање политики и развој на долгорочна економска стратегија.
Дополнително, беше отворена и дискусија за пристапот до капитал, развојот на venture capital и private equity екосистемот, како и потребата од инструменти што ќе овозможат полесно финансирање на иновативни компании и растечки бизниси.
Една од клучните пораки од двата настана беше дека процесот на креирање политики е еднакво важен како и нивната содржина. Политиките што се подготвуваат низ отворен дијалог, со навремено вклучување на институциите, бизнис-заедницата и експертската јавност, имаат поголеми шанси да бидат применливи, предвидливи и усогласени со реалните потреби на економијата и општеството.
Од АмЧам велат дека преку овие активности продолжуваат да даваат придонес кон пошироката дискусија за тоа како Македонија може да гради посовремен и покоординиран пристап кон економскиот развој – пристап во кој иновациите, инвестициите и продуктивноста се поврзани со поквалитетно креирање јавни политики, поголема регулаторна предвидливост и посилна соработка меѓу јавниот и приватниот сектор.