Во турската престолнина Анкара денеска почнува дводневниот самит на НАТО на кој ќе учествува и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Таа ќе учествува на Состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави и влади, што ќе се одржи во претседателскиот комплекс „Бештепе“. Таа ја ја предводи македонската делегација, во чиј состав се министрите за одбрана Владо Мисајловски, и за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, како и генерал-мајор Сашко Лафчиски, началник на генералштабот на Армијата.
Покрај учеството на состанокот, во рамки на самитот македонската претседателка ќе има билатерални средби.
Активностите почнуваат вечер со присуство на претседателката Сиљановска Давкова на свечена вечера приредена од претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во чест на шефовите на држави и влади и нивните сопружници кои учествуваат на самитот.
Дводневниот самит во Анкара ги собира лидерите од 32-те земји членки на НАТО, меѓу кои се американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони, канадскиот премиер Марк Карни, финскиот претседател Александар Стуб, словачкиот претседател Петер Пелегрини, албанскиот премиер Еди Рама, бугарскиот премиер Румен Радев, црногорскиот премиер Милојко Спајиќ…
На самитот ќе присуствуваат и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Покрај 32 шефови на држави и влади на НАТО, на самитот се присутни и речиси 100 министри, високи дипломати, претставници на меѓународни организации, заедно со неклу илјади дипломати, новинари и други гости.
Фокус на издвојувањата за одбраната, идните стратегиски приторитети и војната во Украина
Самитот ќе се фокусира на спроведувањето на одлуката на НАТО за зголемување на инвестициите во одбраната, на зајакнување на капацитетите за одвраќање и одбрана, на идните стратегиски цели на Алијансата.
Лидерите ќе го разгледаат напредокот од минатогодишниот самит во Хаг и ќе го дефинираат планот за понатамошно остварување на клучните цели на НАТО.
Ќе се разговара и за заканите, ризиците и предизвиците со кои се соочува евроатлантскиот регион, како и за случувањата поврзани со војната во Украина и безбедносната состојба на јужното крило на НАТО.
На крајот на самитот треба да биде усвоена завршна декларација, во која се дефинираат клучните стратешки приоритети и насоки на НАТО. Според нацртот на завршната декларација, сојузниците ќе ја потврдат „непоколебливата посветеност“ на колективната одбрана од членот 5 од Северноатлантскиот договор.
Самитот, се очекува да обезбеди платформа за процена на безбедносните предизвици со кои се соочува Алијансата и да ги постави темелите за одлуки насочени кон зајакнување на соработката меѓу сојузниците.
Исто така, ќе биде најавена помош за Украина од 70 милијарди евра за оваа година и исто толку за следната, односно вкупно 140 милијарди. Дополнително, помошта вклучува и 60 милијарди евра заем кои Европската Унија ги обезбеди за Украина за оваа и за следната година. Во завршната декларација би требало да се најде и дел кој вели дека Русија претставува долгорочна закана за евроатлантската безбедност и стабилност, како и дека Иран никогаш не смее да поседува нуклеарно оружје. Лидерите ќе го повикаат Техеран да ја почитува слободата на пловидба во Ормуската Теснина.
На маргините на самитот, ќе биде одржан и Fорум на одбранбената индустрија на НАТО, на кој учествуваат високи политички и воени функционери од 32-те држави членки, партнерските земји, како и претставници на компании од глобалната одбранбена индустрија. Се очекува потпишување на повеќе договори со одбранбената индустрија, кои би можеле да достигнат вредност од повеќе милијарди евра.
На форумот ќе учествува министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој ќе има и повеќе работни средби со неговите колеги од сојузничките земји.
Анкара под „безбедносен чадор“, ангажирани околу 57 илјади припадници на безбедосните сили
Самитот се одржува во раскошната Претседателска палата во Анкара, голем комплекс кој се простира на повеќе од 200 илјади квадратни метри, со повеќе од 1.100 соби, чија изградба чинеше над 500 милиони евра.
Поради самитот, во Анкара се преземени засилени безбедносни мерки, особено околу Претседателската палата. Дополнителни мерки ќе бидат спроведени во воздушниот простор, на патиштата и на критичните точки.
Вкупно 56.927 припадници на безбедносните служби, вклучувајќи 48.841 полицаец, 7.447 припадници на жандармеријата и 639 експерти за кибербезбедност, се ангажирани за безбедноста на самитот.
Во палатата, салите за состаноци на лидерите, просторите за билатерални разговори и секциите за заеднички прес – конференции се опремени со напредна комуникациска инфраструктура.
Меѓународниот медиумски центар, лоциран во Претседателската национална библиотека, исто така започна со работа, обезбедувајќи техничка поддршка за домашните и странските новинари. За самитот во Анкара е формирана медиумска работна група од 850 членови.
Покрај тоа, неклку илјади лица се ангажирани во секторите за протокол, безбедност, здравствена заштита, транспорт, логистика, преведувачки услуги и техничка поддршка за беспрекорно одвивање на настанот.
За време на самитот се планирани и билатерални средби меѓу лидерите, како и низа придружни настани.
НАТО лидерите ќе се возат во турски лимузини „Тог“
Десет специјално дизајнирани лимузини од турскиот производител „Тог“ се подготвени за превоз на лидерите за време на 36. самит на шефовите на држави и влади на НАТО во Анкара.
Возилата, кои се изложени пред конгресниот центар АТО, вклучуваат модели со турските национални бои – црвено-бела, како и специјално дизајнирани верзии украсени со тиркизни нијанси и традиционални мотиви.
Се очекува лимузините да се користат за превоз на кратки релации во рамките на местото на одржување на самитот, со брзина од околу 50 километри на час.
Исто така, планирано е да обезбедат контролиран транспорт по определените протоколарни рути во текот на целиот самит. (МИА)