Над 18,4 милијарди денари од унгарскиот кредит се ставени на располагање на единиците на локалната самоуправа преку два јавни повика за реализација на инфраструктурни и капитални проекти, информираше на денешната прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Коцевски.
Според него, со вториот јавен повик Владата продолжува со поддршката на општините и отвора нов инвестициски циклус насочен кон подобрување на условите за живот на граѓаните.
„Со двата повика Владата им стави на располагање 18 милијарди и 449 милиони денари од унгарскиот кредит на единиците на локалната самоуправа за реализација на инфраструктурни и капитални проекти од директно значење за граѓаните“, истакна Коцевски.
Тој посочи дека станува збор за модел на поддршка преку кој државата обезбедува финансиски средства, додека општините ги предлагаат проектите согласно потребите на локалното население.
Како примери ги посочи проектите во повеќе општини низ државата. Во Гази Баба се инвестира во изградба на детска градинка во Инџиково и спортска сала во основното училиште во Црешево. Во Центар се реконструира спортската сала „Работнички“, додека во Бутел се уредува и заштитува речното корито на Серава.
Во Чаир, според Коцевски, се реализира проект за изградба на водоводна и атмосферска мрежа во населбата „Дижонска“, а во Гевгелија се реконструира Старата чаршија. Во Аеродром, пак, се уредува јавната површина зад ТЦ „Капитол“.
Меѓу проектите ги наведе и изградбата на катна гаража во Охрид, реконструкцијата на улици и изградбата на пешачки патеки во Ресен, како и изградбата на нов модерен базен во Кавадарци.
Во Ѓорче Петров се предвидува изградба на нова детска градинка, додека во Тетово се инвестира во водоводна мрежа во населбата Вонвардарска и изградба на ново средно училиште. Во Демир Капија ќе се реконструира фудбалско игралиште и ќе се гради нов тениски терен.
Коцевски ги посочи и проектите во Виница, каде средствата се наменети за партерно уредување на просторот кај градскиот пазар, како и во Конче, каде е предвидена фотонапонска централа на покривот на општинската зграда. Куманово, пак, добива средства за изградба на краци од секундарната гасоводна мрежа на повеќе улици.
„Токму таквите инвестиции имаат најдиректен ефект врз секојдневниот живот на граѓаните, затоа што тие секој ден ги користат улиците, училиштата, јавните установи и комуналната инфраструктура“, рече Коцевски.
Тој оцени дека финансиската поддршка е особено значајна за помалите општини, кои имаат инфраструктурни потреби, но ограничени сопствени финансиски капацитети за реализација на поголеми капитални проекти.
Според Коцевски, целта на политиката на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е инвестициите и развојот да не бидат концентрирани само во најголемите градови, туку да се обезбедат услови за рамномерен развој и реализација на проекти во сите општини.
Тој додаде дека средствата треба да се насочуваат кон проекти што решаваат конкретни и долгогодишни проблеми на граѓаните и имаат директно влијание врз квалитетот на нивното секојдневие.