За да изгради одлична линија на ексклузивни производи на својата веб-страница, „Amazon.com“ ги тера другите бизниси да го прават најголемиот дел од работата, пишува „Wall Street Journal“.
Гигантот во онлајн трговијата ги тера компаниите за широка потрошувачка да создаваат брендови екслузивно за „Amazon“, откако утврдила дека нивниот развој им е премногу скап и долготраен, тврдат извори запознаени со прашањето.
Производителот на засладувачи „Equal“ и оној на намирници – „GNC“, се меѓу првите кои пуштија производи за новата програма на „Amazon“ за аутсорсинг на работа во минатата година. Компанијата за душеци „Tuft & Needle“, исто така, неодамна создаде нов бренд наречен „Nod“, ексклузивно за „Amazon“.
Предметната програма на „Amazon“ е најновиот пример како гигантот се обидува да биде пофлексибилен, за да понуди пониски цени и поголем спектар на производи, додека се стреми кон привлекување на поголем пазарен удел од најголемите производители.
Самите производители ќе добијат повеќе од продажба на нивните производи преку повеќе трговци, но тврдат дека се среќни да ги понудат своите концепти исклучиво за „Amazon“. За возврат, тие добиваат помош при претставувањето на своите производи на онлајн платформата, побрзи повратни информации од корисниците за тестирање на нови производи, маркетинг поддршка и приходи од продажбата. Покрај тоа, тие може да се појават на врвот од листата при пребарувањето – нешто особено привлечно, со оглед на тоа дека околу 550 милиони производи се достапни на страната на „Amazon“.
„Имавме голема флексибилност од гледна точка на тоа што можеме да направиме“, коментира Брајан Хаф, претседател за Северна Америка на производителот на „Equal“ – „Merisant US“. Неговиот тим создаде нов бренд наречен „Sugarly Sweet“ од „Equal“ за „Amazon“.
Брзината е клучна. „Ние треба да направиме развој кој обично трае 12 до 24 месеци за 90 дена“, вели тој.
И „Equal“ и „GNC“ наидоа на повисоки трошоци во продажбата на „Amazon“ – на пример, за испораката на стоки во пократок временски период, рече Хаф.
„Има некои скриени трошоци … па ние се обидуваме да ја балансираме профитабилноста“, изјави извршниот директор на „GNC“, Кен Мартиндејл.
Од своја страна, „Amazon“ тивко почна да го проширува бројот на своите домашни брендови во последниве години. Аналитичарите тврдат дека тие може да имаат бројка од над 100. Меѓу нив се очигледните „AmazonBasics“ кој прават сè – од куфери до батерии, „Happy Belly“ за храна, „Mama Bear“ за бебешки производи.
Понекогаш „Amazon“ ги промовира сопствените брендови повисоко во резултатите од пребарувањето, како „Amazon’s Choise“ и спонзорирани производи, или како главни резултати при гласовното пребарување преку виртуелниот асистент „Alexa“.
Внатрешни брендови често генерираат поголема профитна маргина за трговците на мало, вклучувајќи за „Amazon“, и можат да привлечат корисници, бидејќи тие не можат да ги откријат предметните бреднови на друго место. Но, за развој на нов бренд и обликување на производи е потребно време. Овозможувајќи им на другите компании да ја завршат главната работа, „Amazon“ може да понуди поголема брзина и да ги намали трошоците, додаваат изворите.