До крајот на месецов, до 30 септември, ќе бидат прогласени технолошкиот вишок и тие луѓе ќе може да си ги остварат своите права во рамките на законите на Република Македонија и да бидат згрижени, изјави денеска во Прилеп вицепремиерот Кочо Анѓушев одговарајќи на прашањето што се случува со прилепската наменска фабрика и дали е на повидок решавање на проблемот на овој загубар.
– За „Еурокомпозит“ обезбедивме услови да може да произведува. За жал, тие се соочуваат со сериозни тешкотии кои настанале во 2011, 2012 и во 2013 година. Добра информација е тоа што сме на добар пат да го решиме. како што се договоривме со Синдикатот на „Еурокомпозит“ и со раководството, до крајот на месецов, до 30 септември, ќе бидат прогласени технолошкиот вишок и тие луѓе ќе може да си ги остварат своите права во рамките на законите на Република Македонија и да бидат згрижени, рече Анѓушев.
Вели дека е убеден за решението во „Еурокомпозит“ каде по пакетот технолошки вишок по 1 октомври ќе почне предстечајна реорганизација и за година-две ќе има позитивни резултати.
– Од 1 октомври, фирмата ќе премине во период на предстечајна реорганизација во која се обезбедени инвеститори да може „Еурокомпозит“ да продолжи да работи како нормална компанија. Јас се надевам дека за една до две години ќе можеме да застанеме во „Еурокомпозит“ и да кажеме како државна компанија ја средивме, ја реорганизиравме и ја дадовме на инвеститор за да направи добри резултати. Компаниите од Регионот кои работат во дејноста на „Еурокомпозит“ работат успешно. Не гледам причина тоа да не се случи и со „Еурокомпозит“. Убеден сум и сигурен сум дека тоа решение ќе дојде. Го гледам решението и многу скоро ќе бидат задоволни сите страни во тој процес, изјави Анѓушев.