Вицепремиерот Кочо Анѓушев пред неполна година ја убедуваше јавноста во емисијата Топ Тема на Телма телевизија дека нема да дозволи негови фирми да добиваат тендери од државата, а во меѓувреме неговите фирми добија тендер од ЕЛЕМ, од Фондот за иновации и од Агенцијата за патишта.
Имено, после скандалозниот тендер кој фирмата во сопственост на Анѓушев, Фероинвест, прво го доби, а после откако излезе скандалот во јавноста се повлече, вицепремиерот Кочо Анѓушев гостуваше во емисијата Топ Тема и изјави:
-Значи Фероинвест и останатите компании нема да учествуваат на државни тендери, но Фероинвест и останатите компании имаат 800 вработени кои што понатаму мораат да продолжат да живеат, работат и да земаат плата и ќе бидат активни во економскиот живот на државата, но не е само државата партнер. Ние мораме да се избориме за вредности во оваа држава и мислам дека мораме да се избориме за критериуми, рече Анѓушев во септември 2017 година.
Освен посочениот тендер на ЕЛЕМ, со кој фирмата во сопственост на Анѓушев требаше да добие 2,6 милиони евра за набавка на гумени транспортни ленти за РЕК Битола, после уследија низа скандали во кои директно беа вмешани Анѓушев и неговите фирми.
Владата во која Анѓушев е вицепремиер за економски прашања, донесе одлука да ги укине давачките за електрични литиум – јонски акумулатори кои ги користи само фирмата БРАКО на Анѓушев со што се овозможи поголем профит и поголема заштеда за газдата Анѓушев.
Потоа следеше скандалозниот прв бран на грантови од Фондот за иновации кој тежеше 10 милиони евра, каде што добитник беше фирмата Каст инвест која доби 160.000 евра за иновативност. Каст инвест е фирма во сопственост на Кочо Анѓушев.
Нов во низата скандалозни државни тендери на сметка на Анѓушев е доделувањето на речиси 2,5 милиони денари од Агенцијата за патишта за набавка на заштитна мрежа на одрони.
Јавноста со право се прашува зошто еден од најбогатите министри ја користи државната каса за да доделува тендери на своите фирми иако ветуваше дека нема да доделува сам на себе тендери и кои се вредностите и критеримите за кои говореше пред неполна година.
– Мислам дека треба да го напуштиме моделот во кој што ќе се кријат политичарите зад фирми на роднини, позади фирми од Белизе и оф шор компании. Видете многу е лесно тоа да се направи, ама тоа не е интелегенција и тоа не е промена на вредностите во системот. Ние треба да изградиме систем квалитетен, тој систем да биде транспарентен. Таму, јас прецизно кажав, секаде каде што ќе имам можност да влијаам на било каква постапка, таму моите компании нема да учествуваат , не само по закон, по закон може да учествуваат, од морални причини нема да учествуваат, потенцираше Анѓушев пред неполна година.
Се испостави дека не само што што фирмите на Анѓушев добиваат уште тендери од државата, туку бенефиции добиваат и фирми од Белизе и роднини кои се поврзуваат со Кочо Анѓушев.
За поврзаност со фирми од Белизе пишуваа и медиумите минатата година. Сомневањата дека Кочо Анѓушев е поврзан со компании од Белизе за истражувачката мрежа Бирн почнуваат пред две години кога фирмата „Феро Инвест“ на Анѓушев и компанијата на неговиот кум Митко Кржовски како и мистериозната „Макинвент” го сочинуваат конзорциумот „Хидро Осогово“.
Во 2015 година сегашниот потпретседател во владата велеше дека сопственик на фирмата од Белизе е бизнисмен од соседството, но и тогаш не го кажа името на партнерот. Кочо Анѓушев не го соопшти името на неговиот пријател кој имал регистрирано офшор компанија во Белизе, која инвестирала во Македонија, и бил во партнерски врски со новиот вицепремиер за економски прашања.
Речиси и да не постои сегмент од неговото интервју, кое сам не го погази, така е и за доделувањето на државни пари од Агенцијата за странски инвестиции на фирмата на кумашинот на Анѓушев. Алкалоид АД Берово, компанија која е во сопственост Ѕвонко Чичаковски, кумашин на вицепремиерот Кочо Анѓушев е една од стоте компании кои добија државна помош. Сумата која ќе ја добие компанијата на кумашинот на Анѓушев се уште не е позната, но фирмата се наоѓа на листата среќни добитници.