Вицепремиерот за грантови и тендери, Кочо Анѓушев ја потценува интелегенцијата на граѓаните додека ги полни своите фирми и фирмите на своите најблиски со тендери, обвинува Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
-Само пред една година ја лажеше јавноста дека неговите фирми нема да учествуваат во државни тендери, а во меѓувреме по различни основи додели милионски суми сам на себе. Имено после скандалот од 2017 година кога државната ЕЛЕМ требаше да и додели на фирмата на Анѓушев „Фероинвест“ 2,6 милиони евра, вицепремиерот Анѓушев се правдаше и лажеше. Толку од системот на Анѓушев. Погледнавте и самите ниту морал, ниту етика, ни срам ни перде. Во очи ја гледаше јавноста и лажеше. Од оваа изјава до денес 160.000 евра народни пари беа доделени на „Кастинвест“ и последниот случај со јавната набавка дадена на фирмата „Брако“ во вредност од 2,6 милиони денари од страна на Агенцијата за патишта. Патем овде не ги сметаме и споменуваме скандалите кои ги изнесоа медиумите од поодамна за скандалозната пренамена на земјоделско во градежно земјиште за неговиот брат со која имотот доби десет пати поголема вредност или државната помош доделена на неговиот кумашин. Скандал до скандал, вели тој.
Арсовски истакна дека фирмите на Анѓушев не само што учествуваат во државни тендери, туку и добиваат.
-Толку од зборот и системот на Анѓушев. Овде не се работи само за морална и етичка димензија, туку постои сериозен сомнеж за злоупотреба на службена должност и криминал. Конкретно во случајот со набавката на заштитна поцинкувана мрежа се поставува прашањето зошто спецификацијата бара поцинкувана мрежа која токму „Брако“ ја произведува? Гледајќи го оправдувањето на фирмата „Брако“ се поставува уште едно прашање како е возможно тие да бидат истовремено и ЕДИНСТВЕНИТЕ и НАЈКОНКУРЕНТНИТЕ од трите производители, што е крајно контрадикторно и симптоматично? Многу прашања и многу недоследности ги следат бизнисите на вицепремиерот Анѓушев на кои тој лично, но и Јавното обвинителство треба да одговорат. Јавноста гледа како зад завесата наречена референдум и промена на името се случува бесрамно испумпување на народни пари во функционерски џебови на нивните фирми. Класичен метод на криминалниот картел на власт. Ова мора да прекине и за ова мора да има одговорност. На крајот Македонија и граѓаните ќе победат, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.