Економија 27.07.2018 16:30

Арсовски: Иновативниот криминал поврзан со Фондот веќе целата јавност го виде, тој тежи 10,5 милиони евра!

Арсовски: Иновативниот криминал поврзан со Фондот веќе целата јавност го виде, тој тежи 10,5 милиони евра!

Скандалот со Фондот за иновации стана како индиската серија „Малечката невеста”, вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

-Трае и трае и трае и никако да престане. Само што ова не е љубовна серија со индиски глумци, туку серија на криминал, во која што единствена иновација е натпреварот кој може да украде повеќе за што покус период, а главните улоги се функционерите на СДСМ. Последен во низата на сомнителни, „иновативни криминали“ е случајот со фирмата „Стратум Рид ДООЕЛ Скопје“ чиј сопственик Весна Кузмановиќ која добила грант, иако била ангажирана од Фондот да биде консултант да им ги пишува предлог проектите на другите фирми кои што аплицирале. Тоа значи дека ем била ангажирана да помага во пишување проекти за други фирми кои конкурирале за грант од Фондот, ем добила грант за сопствената фирма.        Вчера прашавме дали луѓе од Фондот се состанувале со менаџментите на компаниите, а денес гледаме дека ангажирана во Фондот за иновации и пишување проекти, добила грант. Одговорот го добија граѓаните уште веднаш. Јавноста затоа прашува дали овде постои основан сомнеж дека се работи за договарање во четири очи со лице кое има конфликт на интереси. Ниту Фондот, ниту Кузмановиќ не почуствувале потреба да биде изземена при доделувањето на грантови, што отвора сомнеж дека имале фаворизирана позиција во доделувањето на грант за наводна иновативност, вели тој.

Арсовски потенцира дека иновативниот криминал поврзан со Фондот веќе целата јавност го виде и тој тежи 10,5 милиони евра.

-Овде има работа за ОЈО колку им душа сака. Конфликт на интереси, злоупотреба на службена должност и уште десетици други дела казниви според законската легислатива на Република Македонија. Не треба човек да биде правник за да види дека овде има основа за кривично гонење на иновативноста во десетици случаи за испумпување на народни пари во приватни џебови. Јован Деспотовски како директор на Фондот за финансирање на партиски подобни фирми со иновативни идеи за влечење буџетски средства, како и вицепремиерот Анѓушев, пратеникот Хари Локвенец, советничката Цветанка Ласкова и другите вмешани лица во оваа коруптивна мрежа треба да се истражат и ако се потврдат сомнежите да се повикаат на материјална но и кривична одговорност. А, до тогаш, додека се истражи криминалот да понесат морална одговорност да си поднесат итни оставки за да не влијаат на истрагата која што претстои, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Арсовски.

Најнови вести