Економија 08.05.2018 13:49

Арсовски: Владата преку Министерството за финансии планира ново задолжување од 9 милиони евра

Арсовски: Владата преку Министерството за финансии планира ново задолжување од 9 милиони евра

Криминалниот картел на Зоран Заев преку Министерството за финансии за денес предвиде ново задолжување од 9 милиони евра. Ова е алармантно темпо со кое што СДСМ ја задолжува државата, обвини Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Картелот на Заев откако ја презеде власта го зголеми јавниот долг на над 5 милијарди евра, а државниот долг на над 4 милијарди евра. Психолошката граница од 5 милијарди евра задолжување е пробиена. Граѓаните се во страв и грч за својата иднина и иднината на своите семејства“ рече Арсовски.

Тој нагласи дека во само првите три месеци годинава државата е задолжена за нови 300 милиони евра.

„Секое едно семејство е задолжено за нови 600 евра, или, едно четиричлено просечно семејство е задолжено за над 10.000 евра од вкупниот долг на Република Македонија. Секој еден човек во нашата држава, секој граѓанин има долг од над 2.500 евра според вкупниот долг на државата. И тоа само затоа што Владата на СДСМ и Зоран Заев не знае да располага со државните пари и секојдневно се задолжува“вели Арсовски.

Како што рече тој, СДСМ ги задолжило граѓаните за над 5 милијарди евра, а нема инвестиции, нема нови работни места, нема повисоки плати и пензии, нема повисоки стипендии за студентите, нема нови студентски домови, нема ништо капитално како проект реализирано од владата на Зоран Заев. Заев и останатите од картелот не кажуваат каде завршуваат и каде се инвестираат парите кои што тие ги задолжуваат граѓаните, обвини Арсовски.

„Во меѓувреме, додека психолошката граница на задолжување помина од 5 милијарди евра, трошоците за живот се се поголеми, а цените на мало растат. Тоа секојдневно ни го потврдуваат и граѓаните кои што не сретнуваат, дека животот е значително поскапен за разлика од пред една година, односно поскапен откако дојде СДСМ на власт. Граѓаните немаат повисоки плати и пензии, а трошоците за живот се се поголеми.Па така, цените на мало во април годинава се зголемени за 3% во однос на април лани, додека пак вкупните трошоци за живот се зголемени за 1.4%. Стандардот секојдневно опаѓа. Платите во февруари оваа година, во однос на јануари се пониски за дури 867 денари“ истакна Арсовски.

Тој додаде дека наместо живот што го ветуваше СДСМ, тие изградиле криминален картел. Ветувале високи плати и пензии, а донеле само беда која што се гледа секојдневно по улиците.

„Заев и криминалниот картел мора веднаш да си заминат од власта“ порача Арсовски.