Актуелно,Економија 20.07.2018 14:13

Бектеши и официјално побара од Косово да ја повлече одлуката за зголемување на царината

Бектеши и официјално побара од Косово да ја повлече одлуката за зголемување на царината

Во врска со одлуката на Косово за зголемување на царините за 30 отсто за увоз на одредени видови овошје, зеленчук и пченка, министерот за економија, Крешник Бектеши, упати писмо до Секретаријатот на ЦЕФТА и до косовскиот министер за трговија и индустрија на Република Косово, Бајрам Хасани, во кое бара укинување на оваа мерка која веќе предизвикува значителна штета на трговијата со овие производи, а со цел продолжување на воспоставената добра соработка. Министерството за економија за ова ја информираше и Европската комисија.

Бектеши во писмото наведува дека воведената мерка не е во согласност со ЦЕФТА-договорот и е во спротивност со Заедничката декларација која се однесува нa примена на правилата и постапките на СТО.

„Следејќи ја процедурата за евентуална примена на заштитна мерка, неопходно е навреме да се поднесе нотификација до ЦЕФТА и засегнатите страни и да се почнат директни консултации со страните потписнички на ЦЕФТА-договорот пред воведување на заштитната мерка“, се наведува во дописот од Бектеши, земајќи го предвид членот 24.7 од ЦЕФТА-договорот, кој дозволува воведување привремена заштитна мерка, но само ако се даде верификација за посебните околности што се појавија со цел да се воведат.

„Фактот дека мерката се однесува на вкупно 21 производ кои не се точно дефинирани според тарифни ознаки од Хармонизираниот систем на комбинираната номенклатура, за некои од наведните производи во одлуката сезоната е помината, а кај некои сè уште не е почната сезоната, укажува дека мерката е паушално донесена без да биде придружена со аргументи за зголемен увоз и евентуална штета од неа. И според официјалните податоци, извозот на производи од Република Македонија во Косово за првите шест месеци е на приближно исто ниво како и претходната година“, велат од Министерството за економија.

Бектеши побара итен состанок на сите земји потписнички на ЦЕФТА-договорот и очекува повлекување на одлуката од косовска страна, а доколку тоа не се случи во најкус временски рок, една од опциите е воведување контрамерки со цел заштита на домашното производство.