Актуелно 16.05.2018 14:26

БОГОВ СЕ ПОВЛЕКУВА ОД КАНДИДАТУРАТА ЗА ГУВЕРНЕР: Во интерес на државата се повлекувам од кандидатурата за гувернер на Народната банка, напиша Богов

БОГОВ СЕ ПОВЛЕКУВА ОД КАНДИДАТУРАТА ЗА ГУВЕРНЕР: Во интерес на државата се повлекувам од кандидатурата за гувернер на Народната банка, напиша Богов

Димитар Богов се повлекува од кандидатурата за гувернер на Народната банка на Македонија и за тоа веќе го известил претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој го предложи за нов гувренерски мандат.

Во пишаната изјава за МИА Богов посочува дека со внимание ја следел дебатата во јавноста поврзана со предлогот по вторпат да биде именуван за гувернер на Народната банка на Република Македонија и оти одлуката ја донел имајќи ги предвид реакциите на дел од чинителите во политиката и роковите за избор на гувернер.

– Во оваа пригода би сакал да му се заблагодарам на Претседателот на Република Македонија, проф. д-р Ѓорге Иванов за довербата што ми ја даде со моето повторно предложување за прв човек на Народната банка, што за мене лично претставува валоризација на сработеното во изминатите седум години. Имајќи ги предвид реакциите на дел од чинителите на политичкиот живот во Република Македонија, моменталната политичка констелација и роковите за избор на гувернер, во интерес на државата се повлекувам од кандидатурата за гувернер на Народната банка, за што веќе го известив Претседателот на Република Македонија, наведува Богов.

Тој верува дека во периодот што претстои ќе се изнајде решение и во најскоро време ќе биде предложен нов кандидат за гувернер на Народната банка, од редот на професионалците, кој ќе добие консензуална политичка поддршка.

– Народната банка на Република Македонија не смее да се остави без гувернер. Очекувам решение во најкус можен рок, што ќе биде во интерес на Република Македонија, потенцира Богов.

Мандатот на Богов како гувернер на НБРМ завршува на 20 мај, а на 21 мај на новата седница на Собранието, според собраниски извори, ќе биде ставена точка на дневен ред за избор на нов гувернер.

 

(МИА)

Најнови вести