Актуелно 26.11.2018 21:38

Божиновски ги демантира тезите за средба преку посредник со Иванов

Божиновски ги демантира тезите за средба преку посредник со Иванов

Поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, на денешната јавна седница во Апелацискиот суд побара да му биде укинат притворот за случајот „Титаник” на СЈО.

-Во однос на тезата за некаква наводна средба на мој посредник со претседателот Иванов и потоа моја средба со посредникот, сакам да наведам дека се работи за целосна невистина и категорично ги демантирам ваквите сознанија. Ниту постои, а ниту постоел било каков посредник, ниту било кого имам пратено на средба и во никој случај со никого немам разговарано за некакви планови за мое бегство. Со претседателот Иванов се познавам долго време, уште од студенските денови на Правниот факултет каде што ми беше професор, како и подоцна за време на обавувањето на државната функција во текот на годините. Доколку сум сакал и доколку би имал некаква потреба, лично би закажал средба и би се видел со претседателот Иванов, како што веќе имам остварено повеќе средби во минатото, и нема никаква причина да праќам некаков посредник, вели Божиновски.

-Второ, единствената личност за која што имам сознание дека остварил средба со претседателот Иванов, на наведениот датум во образложението, е Миле Јанакиевски, што како информација ја добив лично од Миле Јанакиевски, со кого во текот на истиот ден остварив случајна и неформална средба на јавно место, во присуство на сведок, на која ми кажа дека во текот на истиот ден има остварено средба со претседателот Иванов на која имаат разговарано за актуелната политичка ситуација во државата. Притоа, ниту во еден момент не ми спомна дека е разговарано за било каква аболиција, ниту за било што поврзано со таа тема. Ова е вистината, а се друго што е наведено во образложението е апсолутно не точно. Инаку кога веќе зборуваме за амнестија, како што е наведено во образложението на решението иако вистинскиот термин е аболиција (затоа што претседателот на државата може да даде само аболиција) сакам да потенцирам дека за двете дела за кои ме терети СЈО во овој мој единствен предмет, веќе имам добиено аболиција од претседателот Иванов, и тоа во април 2016 година, со што уште поапсурдна станува целата теза околу мојата наводна потреба да барам таква работа, лично или преку било кој друг, посочува Божиновски.

Најнови вести