Дали сте и Вие една од оние личности кои можат да предвидат дожд или снег на основа на болки во зглобовите и коските? Многумина, болките во коските, зглобовите и мускулите им ги припишуваат на промената во температурата, но главниот виновник сепак е атмосферскиот притисок.
Неодамнешно истражување спроведено на Медицинскиот факултет на Харвард покажа дека за време на студените денови намалениот воздушен притисок предизвикува ткивото во внатрешноста на зглобовите да се шири поради што доаѓа до отекување на зглобовите и болките во нив. Дури 67.9 % од испитаниците во студијата потврдиле дека чувствуваат болка пред појава на дожд, снег или заладување.
Еве неколку начини како да се справите со болките за време на зимскиот период:
1. Физичка активност
Поради лошото време многу луѓе ја губат волјата за вежбање. Но, намалената физичка активност ја зголемува болката во зглобовите и може да доведе до вкочанетост. Поради тоа потребно е и за време на зимата што повеќе да се движите за да им помогнете на зглобовите да останат флексибилни и функционални. Покрај тоа, вежбите ќе Ви го подигнат расположението и психички ќе Ви помогнат да ги пребродите зимските денови.
2. Пијте многу течности
За време на зимата многумина запаѓаат во замка на намалено консумирање течности што го успорува метаболизмот. Дехидратацијата и опстипацијата можат да предизвикаат болки и вкочанетост на телото. Секогаш со себе носете шише вода и пијте доволно течности за да спречите дехидрираност на организмот.
3. Стоплете се
Најдобриот лек за болки во зглобовите и мускулите е нивното загревање, такашто за време на зимата посебно водете сметка да бидете слоевито облечени со цел студениот воздух да не допира до Вашите зглобови. Во домашна атмосфера можете да се загреете со помош на термофор, но внимавајте да не претерате. Докторите советуваат дека загревањето на зглобовите со помош на термофор не треба да трае подолго од 10 минути, за да не создадете контра ефект.
Но, доколку и после сите преземени мерки сè уште чувствувате болки во коските, можете да ги ублажите со антиревматски гелови и креми. Некои од нив содржат ибруфен и се користат како аналгетици па се идеално решение за моменталното отстранување на болката во зглобовите, бидејќи покрај ефектот на загревање тие го лекуваат воспалението во зглобовите или мускулите. Доколку болките продолжат треба да се обратите кај доктор кој ќе Ви препише соодветна терапија.