Измина една година од убиството на Мартин Јанушев, а јавноста се уште чека судска разрешница.
Зошто животот на 28-годишното момче е помалку вреден од животот на другите слични случаеви каде што Јавното Oбвинителство успеало за брз период да направи обвинение?
Основното јавно обвинителство Скопје на 17 октомври годинава информираше дела отворила истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело Убиство од чл.123 ст.1 од Кривичниот законик.
Според информациите на ОЈО, „лицето е осомничено дека на 03.11.2017 година со умисла го лишил од живот сега починатиот Мартин Јанушев. Имено, осомничениот, користејќи дозволено викенд отсуство, ја напуштил КПУ Затвор Скопје – Скопје, каде што издржувал казна затвор во траење од 20 месеци, дошол пред зградата во која живеел Јанушев, се сретнал со него и испукал повеќе проектили од огнено оружје кон жртвата, нанесувајќи му пет огнострелни повреди – прострелни рани. Од здобиените повреди, Јанушев починал“.
На јавното обвинителство му беа потребни 11 месеци за да отвори истражна постапка.
Јавноста го памети случајот каде што беше убиен Мартин Нешкоски на 06.06.2011 година.
Осомничениот по два дена веднаш беше изведен пред истражниот судија, за да во октомври, истата година, обвинението станува правосилно и по четири месеци, убиецот ја доби заслужната казна.
Имено, Мартин Јанушев беше убиен на 4-ти ноември, 2017 година во скопскиот Аеродром при што веднаш на социјалните мрежи беше лоцирано лице кое беше посочувано како убиец на младото момче.
За Филип Секуловски има распишано меѓународна потерница, но на официјалната страница на МВР не стои за кое кривично дело се бара, дали потерницата е поради убиството на Мартин или поради тоа што тој е бегалец од Идризово каде беше на издржување затворска казна, а ден пред Јанушев да биде застрелан, Филип беше пуштен од затворот на слободен викенд, по што му се губи трагата.
Критичната ноќ неколку часа по ликвидацијата на Мартин, на социјалните мрежи беше посочувано лице како наводен извршител на ликвидацијата. Истиот тој беше поврзан и со фантомската агенција за обезбедување „Омерта“, но, овие наводи беа демантирани од истражните органи.
Чаршиската истрага, побрза од онаа на полицијата и обвинителството, ден по убиството на Јанушев го лоцираше и Филип Секуловски како наводен извршител на убиството. Две недели по шпекулациите обвинителството се одважи да распише меѓународна потерница по Филип.