Актуелно 01.11.2018 16:55

Детската болница во Козле демантира дека имало пожар, од Бригадата за противпожарна заштита велат дека горела кровната конструкција

Детската болница во Козле демантира дека имало пожар, од Бригадата за противпожарна заштита велат дека горела кровната конструкција

Од Детската болница во Козле попладнево преку соопштение ги демантираа информациите дека имало пожар во објектот, иако претходно командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита Звонко Томески за КУРИР изјави дека во болницата било интервенирано со 2 противпожарни возила и 5 пожарникари.

Според директорот на болницата Ангелчо Андоновски, станува збор само за краткотрајно топење на каблите во еден од тоалетите, поради што превентивно била повикана противпожарна служба, согласно протокол за реагирање во вакви ситуации. Томески пак вели дека опожарен бил аспираторот за вентилација во делот на кровната конструкција.

-Не се настанати никакви оштетувања, освен незначителна материјална штета. Директорот апелира да не се шири непотребна паника и напоменува дека децата кои се сместени во тој дел од зградата се безбедни и нема повредени лица, се наведува во соопштението.

Томески за КУРИР пак, изјави дека било интервенирано со противпожарни возила и пожарникари во детската клиника во Козле.

-Опожарен беше аспираторот за вентилација во делот на кровната конструкција. Беше интервенирано со 2 возила и 5 пожарникари. Нема причинето поголема штета, а нема ниту повредени, истакна Томески за КУРИР.