Актуелно 30.12.2018 15:00

Додека Спасовски дели партиски книшки во Куманово, во Македонија се лее крв по улиците, домовите и угостителските објекти“

Додека Спасовски дели партиски книшки во Куманово, во Македонија се лее крв по улиците, домовите и угостителските објекти“

Додека Оливер Спасовски си тера партиски агенди и дели партиски книшки во Куманово, во Македонија се лее крв по улици, по домови, и по угостителски објекти, обвинува Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

-Крвавиот викенд за само 36 часа донесе три свирепи убиства. Освен ликвидацијата на човекот во Ѓорче Петров, вчера се случи и убиство во угостителски објект во Кичево и убиство во дом во Прилеп.  Полицијата наместо да биде гаранција за редот и мирот, немо посматра како црнилата ги зафаќаат улиците и домовите ширум Македонија. Сето тоа е резултат на непрофесионалноста и неспособноста на првиот човек на Министерството за внатрешни работи, Оливер Спасовски.  Затоа довербата во полицијата е падната на 31% меѓу граѓаните, затоа корупцијата постојано зема замав, затоа рекетарите се чувствуваат заштитени, затоа убиствата станаа наше секојдневие, затоа имаме зголемување на насилството. Животот на граѓаните им се претвори во сцени од филмовите за дивиот Запад, истакна тој.

Ѓорѓиевски оценува дека општ впечаток во Република Македонија е дека постои коалиција меѓу криминалот и власта.

-Речиси да нема криминалец во земјата, убиец или рекетар кој не се има срдечно фотографирано со Зоран Заев или Оливер Спасовски. Затоа се осоколени во своето дивеење, бидејќи блискоста со власта прави да се чувствуваат заштитени дека ќе поминат неказнето. Тоа што криминалот царува е одраз на работењето на Оливер Спасовски. Кога сите гледаат како се прават матни и криминални зделки од врвот на МВР, кога гледаат селективност и нестручност, кога гледаат неспособност од Спасовски, логична последица на сето тоа е она што во моментов ни се случува во државата. Оливер Спасовски мора да замине за да се врати угледот на институцијата и да се врати редот и безбедноста во нашата држава. Тоа граѓаните го чекаат и очекуваат, порача тој.