Немаме никакви причини да се откажеме од проекциите затоа што имаме раст во второто полугодие и го очекуваме растот во третото полугодие. Остануваме на проекцијата од 3,2 проценти раст и ги имаме сите практични причини за тоа, изјави пред само 5 дена премиерот Зоран Заев.
Демант за оваа негова изјава пристигна токму од министерот за финансии кој е дел од Владата на Зоран Заев, Драган Тевдовски. Тој посочи дека е ревидирана проекцијата за раст на БДП на 2,8 отсто.
И додека премиерот и ресорниот министер лицитираат со бројки и ја замајуваат македонската јавност, најрелевантните светски институции нè треснаа од земја, покажувајќи ја реалната слика.
Меѓународниот монетарен фонд ја намали прогнозата за економскиот раст за Македонија на 1,6 отсто, наместо првичната проценка, кога ММФ очекуваше раст 3,2 проценти. Со тоа Македонија има убедливо најлоши оценки од меѓународните финансиски институции.
За следната година, Фондот предвидува дека земјава ќе достигне стапка на раст од 2,6 проценти наспроти првично проектираните 3 проценти.
Неодамна и Светска банка ја намали прогнозата за растот на економијата во Македонија на 2,3 отсто, во споредба со претходно очекуваните 3,2 проценти.
Од македонската Влада неколку пати досега тврдеа дека голема е веројатноста стапката на раст од 3,2 отсто која е проектирана и во буџетот да се оствари, што ќе биде поткрепено и со мерки за финансиска поддршка на компаниите.