Компанијата „Брако“ која е во сопственост на вице-премиерот Кочо Анѓушев, по неговото стапување на функција добила вкупно 2.5 милиони денари (40.000 евра) за набавки во четири очи, без отворена тендерска постапка, од државни институции – покажуваат документите до кои стигна Економски Лидер, а кој ви ги доставуваме во прилог на овој текст.
„Брако“ на Анѓушев во неколкуте набавки од државата, набавувала од гориво, преку медицинска опрема и кревети па се до изградба на патишта.
Станува збор за очигледен конфликт на интереси, ако се има предвид дека институциите префрлале пари на фирмата која е во сопственост на вицепремиерот, што според правилата на анти-корупциската комисија (која сега е неактивна) е недозволено. Дополнително, симптоматичнo e што сите пет набавки ко ивредат 2.5 милиони денари се отворени со тип на постапка„Барање за прибирање понуди“, која е брза и нетранспарентна и не значи јавен тендер. По укинувањето на Советот за јавни набавки, токму овој тип на набавување остава најголем простор на местење на набавките.
Компанијата која е во сопственост на Анѓушев набавувала болничка опрема за ЈЗУ Психијатриска болница – Негорци од каде земала околу 665,000 денари, во исто време, на ваков начин се набавувале и болнички кревети за клиниката за кардиологија. Набавката со психијатриската клиника е склучена на 22 јануари годинава.
Но, освен за болничка опрема (која не и е примарна дејност), БРАКО на државата и продавал и нафта за потребите на основниот суд во Велес од каде Анѓушев „стопил“, 82,600 денари.
Доколку се проанализираат набавките, се добива впечаток дека газда Кочо има секаква понуда – од гориво, преку кревети, па се до најсофистицирана болничка опрема. Еден од договорите, оној со клиниката во Неготино, од Бирото за јавни набавки го кријат и не го објавуваат на нивната веб страница.
Во исто време, она што е симптоматично е што истата компанија, која продава гориво, медицинска опрема и кревети на државата а во исто време е во сопственост на Анѓушев, доби и тендер од Македонија пат во вредност од речиси 37 илјади евра за кои компанијата треба да испорача мрежа за заштита од одрони на патишта за државната „Македонија пат“.
Договорот е склучен на 9 – ти минатиот месец. На тендерот кој го распиша претпријатието кое се грижи за патиштата низ земјава се пријавиле три компании. Сепак најефтина била понудата на Брако.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев пред неполна година ја убедуваше јавноста во емисијата Топ Тема на Телма телевизија дека нема да дозволи негови фирми да добиваат тендери од државата, а во меѓувреме неговите фирми добија тендер од ЕЛЕМ, од Фондот за иновации и од Агенцијата за патишта.
Имено, после скандалозниот тендер кој фирмата во сопственост на Анѓушев, Фероинвест, прво го доби, а после откако излезе скандалот во јавноста се повлече, вицепремиерот Кочо Анѓушев гостуваше во емисијата Топ Тема и изјави:
-Значи Фероинвест и останатите компании нема да учествуваат на државни тендери, но Фероинвест и останатите компании имаат 800 вработени кои што понатаму мораат да продолжат да живеат, работат и да земаат плата и ќе бидат активни во економскиот живот на државата, но не е само државата партнер. Ние мораме да се избориме за вредности во оваа држава и мислам дека мораме да се избориме за критериуми, рече Анѓушев во септември 2017 година. – рече Анѓушев.
пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ за лидер.мк