Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, го предупреди администраторот на веб-страницата на Кабинетот на шефот на државата Ѓорѓе Иванов дека се соочува со санкции доколку не се промени називот на институцијата во „Претседател на Република Северна Македонија“.
„Претседателот е независен во своето дејствување. Одговорноста за непочитувањето на законите важи за сите, така што, ако не се почитуваат Уставот и законите, ќе се преземе постапка против администраторот на домејнот“, изјави Рашковски за Дојче Веле.
Драги Рашковски, ја води Меѓуресорската група за имплементација на роковите од Преспанскиот договор. Сите институции веќе го сменија својот назив, освен Кабинетот на претседателот на Македонија и Агенцијата за разузнавање, која е под негова надлежност иако во моментов таму се вршат измени на страницата.
Во рок од 3 дена сите институции требаше да извршат промена на сите дигитални записи – логоа, меморандуми, електронски комуникации, веб-страници, но на Иванов се уште е старото име „Претседател на Република Македонија“, а под тоа име ги става и потписите на указите што се објавуваат во Службен весник.