Актуелно 10.02.2019 14:07

Две бебиња починаа од морбили во Македонија: Состојбата е алармантна, Филипче бега од одговорност

Две бебиња починаа од морбили во Македонија: Состојбата е алармантна, Филипче бега од одговорност

Шестмесечно бебе заболено од морбили почина пред два дена на Клиниката за инфективни болести во Скопје.

Министерот за здравство Венко Филипче, по оваа трагедија посочи дека бебето имало компликација на белите дробови.

Во изјавата потенцираше дека бебето кое почина било невакцинирано. На оваа возраст бебето, секако, не може да се вакцинира со МРП, но министерот не почувствува потреба во таа изјава да каже било што друго, зошто најлогична постапка би било да си поднесе оставка, а тоа со сигурност не планира да го направи.

-Прво било лекувано во болницата во Козле, а после префрлено на Инфективната клиника каде докторите за жал не можеа да се справат со компликациите. Искрено се надевам дека трендот на  вакцинација ќе продолжи заради тоа што е единственото нешто што треба и мора да се направи со цел да се подигне колективниот имунитет кој значително е намален после падот на опфатот со вакцинација во 2014 година и за жал сега се соочуваме со овие последици, рече Филипче.

Додека јавноста се уште е вознемирена од овој случај, денес се случи трагедија која е доволен доказ дека состојбата е повеќе од алармантна.

Вчера во попладневните часови, почина уште едно дете од компликации предизвикани од морбили (мали сипаници) на Клиниката за детски болести во Скопје.

Станува збор за 13 месечно дете од Свети Николе, кое и предходно имало други здравствени проблеми.

-Министертвото за здравство искрено жали што овие деца се жртви на епидемијата од морбили (мали сипаници), болест која може да се спречи со вакцинација. Уште еднаш апелираме до сите родители, најодговорно да ги сфатат препораките за вакцинирање со МРП вакцината, која заштитува од ова сериозно заразно заболување. Вакцината  во  здравствените домови се аплицира бесплатно, а вакцините се со проверен европски квалитет и рок на траење, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.

Неспорно е дека епидемијата од морбили може да се спречи со вакцинирање, но за смртта на овие две дечиња некој мора да понесе одговорност. Едното бебе било премногу мало да ја прими вакцината, а другото било на возраст на границата потребна за вакцинирање.

Од друга страна, Филипче мора да сфати дека и лично тој е заслужен што дел од родителите загубија доверба во вакцината додека тој тераше политичка кампања пред референдумот. Тој тогаш пишуваше дека дури откако Македонија ќе влезе во ЕУ, граѓаните ќе добијат најквалитетни вакцини.

Вкупната бројка на заразени од прогласувањето на епидемијата се искачи на речиси 200.

Досега се вакцинирани 50 проценти од невакцинираните, поточно извршени се 6.105 вакцинации.

На сила се уште е забраната во градинките да се примаат невакцинирани деца. Филипче се надева дека тоа ќе доведе до смирување на епидемијата.