Европскиот совет за надворешни работи (ЕЦФР) оценува дека евентуалното менување на границите меѓу Србија и Косово ќе биде проследено со насилство.
Во извештај, што го изработиле германскиот пратеник Норберт Ретген и британскиот дипломат Роберт Купер, се наведува дека косовскиот претседател Хашим Тачи ја губи меѓународната поддршка поради предлогот за менување на границите, кој го промовираше заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Како противници на предлогот во документот, меѓу другите, се посочуваат косовскиот премиер Рамуш Харадинај и спикерот на Собранието на Косово, Кадри Весели, како и опозициското Движење Самоопределување.
Предлогот на Тачи и Вучиќ предвидува Косово да добие делови од српските општини Прешево, Бујановац и Медвеѓа, каде мнозинското население се Албанците, додека Србија би ги добила четирите косовски општини каде Србите се мнозинство.
Косовскиот весник „Коха“ пренесува дека извештајот е заснован врз разговори со повеќе дипломати во Приштина, кои сметаат дека секое менување на границите ќе доведе до иселување на Срби од Косово и не може да се изврши мирно и без насилство.
Во извештајот исто така се оценува дека предлозите српските општини во Косово да добијат одредено ниво на автономија и укинувањето на визите за косовските државјани за патување низ Европската унија „сега се мртви“.