Истрагата за убиството на новинарот Џамал Кашоги сè уште е во тек, но новите информации што ги објави „Њујорк тајмс“ дополнително го продлабочуваат сомнежот дека наредбата за неговото убиство во конзулатот во Истанбул доаѓа од самиот врв на саудискиот режим.
Саудиските разузнавачи блиски до принцот Мухамед бин Салман наводно лани прашале група бизнисмени со кои договарале соработка дали за нив би извршиле атентати на непријатели на монархијата, објави „Њујорк тајмс“.
Саудиска Арабија досега традиционално избегнувала тајни операции во странство, ликвидации и воени интервенции од страв дека авантуристичката надворешна политика би можела да доведе до нестабилност и изолација и така да ја загрози позицијата на најголемиот светски извоник на нафта. Но, судејќи по сè, тоа се сменило како што се зголемиле овластувањата на престолонаследникот, принцот Мухамед бин Салман.