Економија 02.05.2018 10:34

ЕЛЕМ без да објави оглас склучил милионски договор со „СВ инвест“

ЕЛЕМ без да објави оглас склучил милионски договор со „СВ инвест“

АД Електрани на Македонија – Скопје во постапка со преговарање без претходно објавување на оглас на 2 март, годинава склучил договор за ангажирање на помошна работна рака за технолошко чистење на БТО системите за ПЕ Рудници, РЕК Битола со друштвото за трговија,градежништво и услуги „СВ-инвест“ увоз-извоз ДООЕЛ Битола.
Вредноста на склучениот договор со вклучен ДДВ изнесува 21.240.000 денари – објави Е-магазин.

Станува збор за фирмата за која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера побара од Обвинителството да провери
дали е точно дека е ангажирана за подизведувач во оперативните градежни работи во РЕК Битола.

„Од видео материјалот може да се види дека фирмата „СВ Инвест“ врши превоз на јаглен со товарни возила кои се со јасна ознака на оваа компанија, но се со струмички регистерски таблици. Тоа е така бидејќи сопственик на овие камиони кои се гледаат од видео материјалот не е „СВ Инвест“, туку компанијата „ДГИ Тотал Инжинеринг Струмица“ каде управител и сопственик е лицето Вице Заев, брат на премиерот Зоран Заев“, обвини Мицкоски.

Од ЕЛЕМ ги демантираа ваквите обвинувања.
„Фирмата „СВ Инвест“ – Битола никогаш не била ангажирана како подизведувач за транспорт на јаглен во РЕК Битола“,
информираа од ЕЛЕМ и нагласија дека тврдењето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е целосно неточно.

Реагираа и од Тотал инџинеринг во РЕК Битола. Велат дека Тотал инжинеринг, водејќи се од принципиелни и објективни причини и со цел да оневозможи каков било конфликт на интерес при својата работа, неодамна извршил продажба на севкупната механизација (камиони, багери, ваљаци, булдожери и останато).

-Тотал инжинеринг нема никаков деловен однос со компанијата која Мицкоски ја наведува, во обид да конструира непостоечки лажен случај. Затоа, уште еднаш потенцираме дека механизацијата на Тотал инжинеринг, ниту пред продажбата, ниту после тоа, не била и не е ангажирана во ниту една постапка во РЕК или во која било друга државна институција. Оттука, лажните обвинувања на Мицкоски ги сметаме единствено за низок, непромислен и неуспешен обид на неговата партија да го извалка името на премиерот, неговите роднини и компанијата Тотал – велат од Компанијата.