Европската унија официјално состави листа со американски стоки кои можат да бидат оданочени со увозни давачки во одговор на царините на САД за увоз на челик и алуминиум, пренесуваат светските агенции.
Списокот е проследен до Светската трговска организација, која и го објави. Обврските за отплата ќе изнесуваат 1,6 милијарди годишно, се вели во документот. Износот е еднаков на вредноста на американските давачки.
Листата вклучува земјоделски производи како пченка, ориз, путер од кикирики и сок од портокал. Вискито, тутунот и фармерките исто така ќе бидат предмет на дополнителни тарифи. Исто така се вклучени и разни производи од челик, мотоцикли и чамци.
Повеќето производи на листата ќе бидат предмет на 25% давачки.
Увозот во Европа ќе биде оданочуван со 25% од 20-ти јуни, ако на крајот на месецот Вашингтон ја вклучи и ЕУ во листата со држави, против кои претседателот Доналд Трамп воведе казнени царини. Тие се во сила од 23-ти март во висина од 25% на челикот и 10% на алуминиумот, но до 1-ви јуни ЕУ останува надвор ограничувачките мерки.
Во Брисел се уште се пресметуваат штетите за европската економија во случај Вашингтон сепак да ги наметне казнените царини врз европскиот увоз на челик и алуминиум.
На самитот во Софија на 17-ти мај, водачите на ЕУ се обединуваа околу четири точки на кои ќе ги спроведат трговските разговори со САД. Ако Вашингтон се откаже од ограничувачките мерки, Брисел е подготвен на компромис за реформата на Светската трговска организација, реципроцитет при пазарниот пристап на индустриски стоки и учество во јавни набавки, и можност за американските резерви на течен гас за Европа.