Економија 25.06.2018 10:15

ЕУ со одмазнички мерки против САД

ЕУ со одмазнички мерки против САД

Европската унија денеска спроведе контра-напад во трговскиот спор со американскиот претседател Доналд Трамп.

Блокот на 28-те земји воведе дополнителни давачки, кои официјално влегоа во сила на полноќ по македонско време, врз десетици американски производи, како фармерки, бурбон и мотори. Овие мерки се одговор на царинските давачки од 25% за челик и 10% за алуминиум наметнати од САД во повеќето земји во светот.

„Едностраното и неосновано решение на САД да наметнат давачки не ни остава друг избор“, изјави европскиот комесар за трговијата Сесилија Малстром. „Правилата на меѓународната трговија не може да бидат прекршени без реакција од наша страна“, рече Малстром и прецизира дека „ако САД ги укине царините“, европските мерки ќе бидат „исто така откажани“.

Мексико наметна одмазнички мерки против САД во почетокот на јуни, а на почетокот на јули истото планира да го направи и Канада. Во овој контекст, обележан со тензиите меѓу Кина и САД, веќе полека наликува на светска трговска војна.

Главните индекси на водечките берзи во Европа ја завршија вчерашната сесија во „црвено“. Опасноста е уште поголема бидејќи Трамп размислува да наметне давачки и на странските автомобили, што ќе предизвика посебна штета на јапонските и германските производители.

„Избравме производи како (моторите) „Харли Дејвидсон“, путерот од кикирики и бурбонот, бидејќи постојат алтернативи на европскиот пазар. Не сакаме да им наштетиме на корисниците“, објасни вчера заменик-претседателот на Европската комисија Јурки Катаинен. „Покрај тоа, овие производи имаат многу симболично значење од политичка гледна точка“, додаде тој.

Најнови вести