Актуелно 21.12.2018 14:05

Ѓорѓиевски: Спасовски е заинтересиран само за сомнителни набавки, делење на милионски лиценци и целосна партизација на МВР

Ѓорѓиевски: Спасовски е заинтересиран само за сомнителни набавки, делење на милионски лиценци и целосна партизација на МВР

Македонија немала полош и понеспособен министер за внатрешни работи. Оливер Спасовски е заинтересиран само за сомнителни набавки, делење на милионски лиценци и целосна партизација на министерството, истакна на денешната прес-конференција Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој посочи дека не поминува месец без вооружена пресметка на улиците во Скопје. Градот стана целосно небезбеден, а Спасовски ги крие срамните статистики за ниската реализација на полицијата на која што и ги врзаа рацете.

-Вчера 15 минути пред 18 часот од огнено оружје во сред Скопје на фреквентна локација во општина Чаир е рането едно лице, кое со повреди е пренесено во Градската општа болница. Од каде толку оружје и од каде толкава сигурност на бандитите во главниот град за да може да пукаат кога сакаат и каде сакаат? Дали се ова истите оние кои ја прославуваа изборната победа во Чаир со истрели од калашникови, а Спасовски се правеше дека не ги гледа и не презеде ништо? Дали се ова групите за кои што заменик министерот Агим Нухиу кажа дека биле подготвени со оружје да влезат на 27-ми април во Собранието, а Спасовски повторно се правеше дека не ги видел? Спасовски и СДСМ ја зацрнија полицијата коалицирајќи со криминалот. Жртва може да биде секој еден недолжен минувач, наше дете, брат, сестра, родител или комшија. МВР под раководство на Спасовски не може да си ја исполни својата основна должност, а тоа е зачувување на јавниот ред и мир, вели Ѓорѓиевски.

Тој посочува дека граѓаните веќе две години се во константен грч.

-Убиствата, пукањата, запалените автомобили и грабежите станаа наше секојдневие. Родителите се исплашени да ги пуштат своите деца на улица, повозрасните не смеат да излезат до продавница без страв дека некој нема да ги ограби а сето ова е последица на криминалната политика на власта, која пушти над 800 криминалци од затворите на улиците. Спасовски наместо да се шета низ државата продавајќи демагогија, треба да понесе одговорност за сите пропусти и последици врз безбедноста и безбедносниот систем. Црнилата по улиците не смеат да бидат наше секојдневие. Оваа власт мора час поскоро да си замине, нагласи Ѓорѓиевски.