Главната туристичка сезона завршува, се прават пресметките колку беше успешна, а Македонија никако да се одлучи каков туризам ќе развива – масовен, елитен, рурален или авантуристички…
Македонија треба да се фокусира на елитен и рурален туризам, велат луѓето кои работат во овој сектор. Тие објаснуваат дека понуда од типот плажа и журка не може да има голем ефект зашто земјава не може во тоа да се натпреварува со соседите кои имаат море. Странците не би дошле за да пливаат во Охридското Езеро, за речиси истите пари ќе пливаат во Егејското или Јадранското море. Нив ги интересира културата, историјата, гастрономијата.
„Странците не доаѓаат овде за да јадат брза храна или пица. Сакаат да пробаат нешто традиционално како ѓомлезе, полнети пиперки, сарми, гравче тавче… Не доаѓаат ни за да се капат во езерата, тоа го има секаде. Доаѓаат поради културата и традицијата, поради црквите и манастирите, поради археолошките локалитети и секако поради природните убавини“ вели Трајко Паневски, угостител од Охрид.
Македонските села имаат потенцијал за туризам, коментираат познавачите.
„Најчесто туристите купуваат локални производи, уживаат во забава, здрава храна и ноќеваат во автентични услови и објекти. Семејствата во руралните средини се идеална структура за формирање туристичка понуда, бидејќи тие се оние кај кои дополнителните приходи и развој преку туризмот се најнеопходни. Но за семејните бизниси потребно е и исполнување одредени услови“ објаснува Владо Србиновски, Балканска асоцијација за алтернативен туризам.
Во моментов најважно е да се вложува во квалитетот на услугите преку едукации на локалното население на кое мора да му се објаснат придобивките од развојот на локалниот туризам.
„Особено е важно да се вклучи и младата популација во овие процеси како движечка сила која може да ги менаџира семејните бизниси следејќи ги современите текови и вклучување на жените и возрасните лица во туристичката понуда во руралните средини“ појаснува Србиновски.
Македонија има уште многу пат пред вистински да го развие руралниот туризам, велат познавачите, но додаваат дека позитивните ефекти би биле повеќекратни.
„Во селата се постигнува двоен па дури и троен ефект, а тоа е голема економска помош или солидни економски приходи за руралното население кое што вообичаено живее од земјоделие“ вели експертот за туризам Петар Стојановски.
Државниот завод за статистика (ДЗС) бележи раст на туризмот. Во првите шест месеци од годинава во однос на истиот период лани бројот на гости бил поголем за 16.4% а бројот на ноќевања за 16.0%.
Бројот на странски гости достигнал 301.563 со што бил остварен раст од 19.8%, а бројот на домашни туристи достигнал 131.798 со што пораснал за 9.8%.
Според податоците за јуни најпосетени се езерските места со 30.689 странски гости, следи Скопје со 30.291.
Најголем дел од туристите доаѓаат од Турција, па потоа Грција, Бугарија и Србија. Отседнуваат пред се во хотели со четири и пет ѕвездички.