Буџетот на Град Скопје за 2018 година се предвидува да биде намален за 346 милиони денари. Предлогот за измени на Буџетот е на дневен ред на денешната седница на Советот на Град Скопје.
Советниците ќе расправаат и за дополнување на Одлуката за извршување на Буџетот на Град Скопје за 2018 година, со кое се предлага во случај на смрт на пожарникар, кој ќе го загуби животот при вршење на работата, на неговото семејство да му се додели еднократен надоместок во висина на вкупниот износ од остварените плати во последните 12 месеци.
На дневен ред на денешната седница е и одлуката со која се предвидува набавка на две специјални возила за потребите на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ за собирање и транспортирање смет и странично подигнување канти со смет со капацитет од 2.200 и 3.200 литри. За набавката на возилата, во инвестициската програма на претпријатието предвидено е зголемување на средствата за 24 милиони денари или околу 400.000 евра. Исто така, предвидена е и набавка на 6.000 нови корпи за отпадоци за што се предвидени шест милиони денари или околу 100.000 евра.
Советниците ќе ја разгледаат и информацијата за упис на ученици во прва година во средните училишта според која запишани се вкупно 6.094 ученици, од кои на македонски јазик 4.047 ученици, на албански 1.962 ученици, а на турски 85 ученици. Според видот на образование, 2.402 ученици се запишани во гимназиско образование, а 3.692 ученици во стручно образование.
Од областа на образованието ќе се расправа и за годишните извештаи и програми за работата на средните училишта и училишните домови на Град Скопје за учебната 2017/2018 година, како и за поголем број одлуки за именување претставници на Градот Скопје во образовни институции.
(Миа)