Во март годинава се издадени 45,1 процент помалку одобренија за градба во однос на истиот месец лани, што укажува на намалување на инвестиции во градежниот сектор. Затоа од Комората за градежништво при Сојузот на стопански комори бараат продолжување на рокот за повластена стапка од 5 отсто за ДДВ при прва продажба на станови до 2023 година и почитување на законскиот временски рок за издавање одобрение за градба.
Претседателот на Комората Ивица Јаќимовски истакна дека пречките што доведуваат до намалување на инвестициите во градежништвото се непочитувањето на посочениот временски рок за издавање дозволи, неизвесноста дали ќе биде продолжена мерката за повластена даночна стапка, како и мораториумот за градење што го вовеле одредени општини.
– Градежниот сектор придвижува 26 други гранки. До 10 проценти од вкупниот број вработени отпаѓаат на овој сектор, а и 10 проценти од БДП е резултат на градежништвото, рече Јаќимовски, потенцирајќи го значењето што оваа гранка го има за државата.
Потпретседателот на Комората за градежништво Зоран Азманов апелираше Владата што побрзо да ја донесе одлуката за продолжување на рокот за повластена стапка од 5 проценти. Доколку тоа не се направи веднаш туку до крајот на годината, според Азманов, во 2019 ќе има многу малку инвестиции во градежништвото поради неизвесноста во која се наоѓаат инвеститорите.
– Тоа значи дека ќе следи намалување на приходот во Буџетот по основ на придонеси, персонален данок како резултат на намалената вработеност во секторот, но и намалување по основ на ДДВ од производство и промет на градежни репроматеријали, суровини и опрема, како и по основ на данок на добивка поради стагнација на пазарот на недвижности, рече Азманов.
Потенцира и дека непродолжувањето на рокот на повластената стапка ќе значи покачување на цените на становите.
Азманов апелираше да се внимава со најавувањето на евентуално поништување на деталните урбанистички планови, особено во оние делови каде се издадени одобренија за градење или веќе се отпочнати градби.