Здружението за заштита на граѓанските права ,,Но пасаран” ја повика Регулаторната комисија за енергетика да обезбеди гаранции за снабдување со потребните енергетски ресурси, бидејќи наесен скопјани може да останат без парно греење.
„Град Скопје со формирањето на Градски енергетски системи по добивање на лиценците од РКЕ ќе ги преземе дистрибуцијата и снабдувањето, но бидејќи парите на граѓаните ќе бидат потрошени, ќе се јави недостиг од средства за купување гориво за производство на топлинска енергија. Овој минус ќе мора да го покрие Град Скопје, Владата или скопјани. Затоа ја предупредивме РКЕ да преземе дополнителни гаранции против ова сценарио”, се наведува во соопштението.
Од таму тврдат дека доколку на почетокот на оваа грејна сезона му се дозволи на ‘Балкан енерџи снабдување ДООЕЛ’ авансно да наплатува за август и септември, БЕГ овие средства од граѓаните нема да ги искористи за набавка на гориво, развој и санација туку за враќање долг спрема Топлификација АД.
,,Бараме од РКЕ во најкраток рок да ги предложи и донесе новите правила за снабдување и тарифникот. Бараме од Град Скопје да ги преземе дистрибуцијата и снабдувањето со топлинска енергија, додека во производството што повеќе да е присутна државната ЕЛЕМ енергетика. Бараме дистрибутивната мрежа да му се врати на Град Скопје, како и контролата на производствените погони на Топлификација.Сите овие барања се во насока на давање квалитетна и поевтина услуга кон граѓаните со кои повторно ќе се стекне и довербата кај исклучените граѓани”, се додава во соопштението.