Македонија испишува многу црни денови. Ова се можеби најтешките денови во модерната историја на Македонија. Ни нанесоа голем срам, ни нанесоа болка. Ни нанесоа тага, ќе одговараат за тоа. Нема да им простиме, истакна на вечерашниот протест пред Собранието Солза Грчева.
-Ни посегнаа по името, по историјата, по културата, по Македонштината, по душата, по генетскиот код кој го имаме во секој од нас. Ни посегнаа по човековите права. Ние сме единствената нација во светот без право на самоопределување. Кој цивилизиран свет го гледа тоа и го одобрува? Гордо ќе им кажеме: „Оваа работа не бива, трговија со нас нема да направите“. Ги видовме уставните измени од кои Заев рече дека ќе ни се слошело. Ни се повраќа! Главната работа што се обидуваат да ја издејствуваат е да не постои државотворен македонски народ, рече таа.
Грчева обвинува дека власта згази на крвта на војводите, на Комитите, на народот кој кревал востанија, на научните мисли.
Таа прочита цитат од манифестот на АСНОМ, за кој обвини дека власта сега го брише од Уставот:
„Македонски народе, од тешките борби и пролеаната крв, на најдобрите македонски синови, излегува денес првото народно Собрание, тој симбол на твојата слобода и изразител на твојот суверенитет. Ја прокламира пред целиот свет болната национална слобода на македонскиот народ, во првата слободна македонска држава. Вековниот идеал на македонскиот народ се постигна“.
-Од овие реченици бегаат. Се плашат како ѓавол од темјан. Се плашат од тоа да кажат македонска држава, затоа што АСНОМ не само што ја дефинира нашата прва држава како израз на вековните стремежи, туку јасно посочува дека македонскиот народ ја создал оваа држава, истакна Грчева.
Таа најави дека почнува сенароден отпор. Побара распуштање на Собранието, оставка на Владата и предвремени парламентарни избори.