Актуелно 01.10.2018 19:10

Иванов: Бојкотот е гласот на оние кои се потценети и не се слушнати

Иванов: Бојкотот е гласот на оние кои се потценети и не се слушнати

Бојкотот е гласот на оние кои се потценети и не се слушнати, истакна претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, на денешната прес-конференција и додаде дека на вчерашниот референдум народот го отфрли Преспанскиот договор.

-Со негласање, народот јасно се изјасни против избрзани, наметнати и штетни решенија донесени без претходно постигнат национален консензус. Тивкото мнозинство одлучи… Пораката од народот е испратена до оние кои мора да ја слушнат. Реалноста е дека референдумот не успеа. Не се обидувајте да ја измените оваа реалност. Не ја потценувајте суверената волја на македонскиот народ. Не може да се зборува за волја на мнозинството во услови кога не е исполнет законскиот цензус за референдум. 36,9% излезност не е волја на народот, туку 63,1% кои не излегоа. Колку и да извртувате, не можете да ја промените реалноста. А реалноста е дека референдумот е неуспешен. Време е за одговорност пред македонскиот народ. Поддршката за ЕУ и НАТО е колатерална штета на непопуларниот референдум. Поддршката за ЕУ и НАТО од над 80% ја сведовте на само 36,9%. Ги манипулирате и нашите граѓани, а на нашите европски и евроатлантски партнери им пласирате лажни претстави и перцепции, рече Иванов и додаде:

„Држава не се води со слободно и неовластено толкување на Уставот и законите на Република Македонија. Истовремено, очекувам набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР сериозно да ги земе предвид приговорите околу нерегуларностите на одредени избирачки места. А на оние кои се мешаат во внатрешните работи на Република Македонија и непринципиелно заземаат страна им порачувам да ги почитуваат меѓународните конвенции за дипломатски односи. Не може оние кои имаат демократски дефицит да наметнуваат решенија спротивни на суверената волја на македонскиот народ. Пред само неколку дена, од говорницата на Обединетите нации, Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп изјави дека слободата, мирот и демократијата се можни само во суверени и независни држави. Вчера, македонскиот народ ја покажа својата суверена волја. Како и францускиот претседател Макрон, така и јас верувам во силниот идентитет на секој народ, верувам во историјата и амбицијата на нашиот македонски народ“.

Референдумот, потенцира претседателот на РМ, не е анкета.