Актуелно 02.08.2018 14:12

Иванов: Нема да ме поколебаат разните обиди за притисоци

Иванов: Нема да ме поколебаат разните обиди за притисоци

Не го прифаќам грчкиот договор кој е на штета на македонскиот национален идентитет и на штета на интересите на Република Македонија. Нема да ме поколебаат разните обиди за притисоци. Останувам доследен на мојот принципиелен став, истакна претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во илинденското обраќање од Мечкин Камен.

-Истовремено, повикувам да престане да се злоупотребува остварувањето на нашите стратешки цели и определби. Европската Унија и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор, кој ќе предизвика несогледливи и штетни последици по државните и националните интереси на Република Македонија

Најголемиот показател за вредностите на една нација е консензусот околу она што не е за продажба, потенцираше Иванов.

– Лекцијата што постојано ни се повторува бидејќи никако да ја научиме е следната: најголемите национални катастрофи на Македонија и се случувале тогаш кога е заобиколувана општата волја и кога е напуштан националниот консензус, порача Иванов.

Републиката постои, потсети Иванов,  за да го заштити општото добро од секој оној што ќе посака да го присвои само за себе.

-Смислата на републиканските механизми е да ја спречат злоупотребата на власта за тесни лични и партиски интереси. Секогаш кога тесните лични и партиски интереси го завземаат местото на трајните интереси на Републиката се завршувало со национална катастрофа, подвлече македонскиот претседател.

Потсетувајќи на познатата мисла од Блаже Конески „Големо ни е името, ќе посакаат да ни го земат“, Иванов рече дали со штетниот грчки договор сега ние сами, доброволно им го даваме името.

– Прашањето за името и идентитетот е постаро од секој Устав, од секоја Влада, од секоја партија, од секој претседател. Постаро е дури и од државата. Ниту еден поединец, од ниту една генерација, нема право да тргува со тоа има и со тој идентитет, потенцираше претседателот Иванов.

Знаејќи какво е семето, Мисирков уште пред 115 години посочил каков ќе биде плодот, додаде Иванов во обраќањето.

– Тој речиси пророчки не предупредува за ова кобна македонска одлика и вели: „Собитијата што се развија до сега ни покажаа колку ние самите можеме да си напакостиме, мислејќи дека постапуваме правилно.“Затоа и авторот на последниот македонски манифест, оној што предмалку го чувме, прашувајќи кој тоа ни го брише минатото за да ни ја одземе и иднината, без тронка задршка одговара – „Не обидувајте се никогаш вината да ја барате подалеку од нас.“, рече македонскиот претседател.