Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска ја прими Елизабета Трента, Министер за одбрана на Италијанската Република.
На средбата беше разговарано за билатералните односи меѓу Република Македонија и Италијанската Република, за соработката во областа на одбраната и безбедноста, како и за состојбите поврзани со интеграцијата на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО.
Претседателот Иванов истакна дека македонското интегрирање во евроатлантските структури ќе придонесе за стабилност, просперитет и отвореност на целиот регион, притоа нагласувајќи ја важноста за продолжување на италијанската поддршка во однос на нашето членство во ЕУ и НАТО.
Македонскиот претседател подвлече дека Армијата на Република Македонија со својата посветеност, професионалност и високо рангирана борбена подготвеност е докажан сојузник на армиите на земјите-членки на НАТО и континуирано придонесува во заедничките меѓународни мировни мисии на Алијансата.
Претседателот Иванов се осврна и на последиците од мигрантската криза, која како што потенцираше, претставува сериозен предизвик и фактор за голема загриженост не само за нашиот регион туку и за целиот европски континент, потенцирајќи дека е потребна координирана соработка во сферите на одбраната и внатрешните работи.
Соработката меѓу Република Македонија и Италијанската Република во сферата на заедничката безбедност особено зајакна за време на мигрантската криза и неопходно е истата да се интензивира со цел превентивно делување, порача претседателот Иванов на средбата со министерот за одбрана на Италијанската Република.
Во тој контекст двајцата соговорници разменија мислења и за состојбите со миграциските текови во Медитеранот, Блискиот Исток и Северна Африка, за нивното влијание врз континентот Европа и регионот на Балканот, како и за поведување иницијатива за заедничко учество на АРМ во воените мисии.
На средбата беше заемно констатирано дека односите меѓу двете земји се традиционално пријателски, со висок степен на разбирање и доверба, и беше изразена заедничката определба за унапредување и интензивирање на политичкиот дијалог и понатамошно динамизирање на билатералната соработка