Републиката е на народот, бидејќи од него извира сувереноста и во него се слева сувереноста. Република Македонија не е приватна сопственост та некој да тргува со неа, со нејзините атрибути и вредности. Република Македонија не е личен имот та некој да ја распродава. Република Македонија не е ничија земја, та секој да ја присвојува. Република Македонија му припаѓа на народот кој ја создал, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во обраќањето по повод државниот празник 2 Август-Илинден, на свеченоста на Мечкин Камен во Крушево.
А тој народ, додаде претседателот Иванов, освен што полага историско право на својата Република, истовремено има историска одговорност кон таа своја република.
– Ниту една генерација, вклучително и нашата генерација, не може да тврди дека со неа започнува се. Нацијата, државата, Републиката, се создавани и градени од многу генерации. Кај едни се родила како идеја што им ја греела душата а други се бореле и избориле за остварување на таа идеја. Трети пак, работеле на нејзино надградување. И сите тие генерации се вградени во нашата единствена татковина Република Македонија, порача македонскиот претседател.
Иванов во своето обраќање потсети на Тајванскиот договор од 1998 година, кога тогашната Влада и покрај спротивставувањето на Републиката, донела одлука да го признае Тајван.
– Во ситуација во која сите механизми на системот беа ставени на страна, претседателот Глигоров потсети дека законите на Републиката се напишани за да се почитуваат, институциите се поставени да соработуваат, но и да вршат контрола едни над други и да не дозволуваат да се појавуваат грешки. Преку владеењето на правото Републиката има воспоставено законски механизми за да може да ја остварува својата суштина – а тоа е да се грижи за општото добро на граѓаните. Но, наместо да биде послушан, Глигоров беше игнориран и заобиколен. Онака како што денес, 20 години подоцна, оваа Влада се обидува да ме заобиколи мене, порача Иванов во обраќањето од Крушево.
Ако Тајванскиот договор беше резултат на среброљубие, рече Иванов, Грчкиот договор е резултат на славољубие.
-Заслепени од рефлекторите, на некои наши политичари како личната слава да им е помила од достоинството и судбината на цел еден народ. Ако со тајванскиот договор се направи обид да се редефинира позицијата на Република Македонија на меѓународен план, со грчкиот договор се редефинира самата наша држава