Актуелно 30.12.2018 13:50

Иванов со новогодишно обраќање до граѓаните: Само во успешна и просперитетна татковина ќе можеме да ги оствариме нашите желби

Иванов со новогодишно обраќање до граѓаните: Само во успешна и просперитетна татковина ќе можеме да ги оствариме нашите желби

Доаѓањето на новата година кај секој од нас буди нови надежи, нови очекувања и копнежи за поубава, посреќна и безгрижна иднина, порачува претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов во своето обраќање до граѓаните.

-Годината што измина сите сакаме што побрзо да ја заборавиме, а годината што доаѓа да биде година на остварување на сите наши желби и соништа. Во овие моменти кога ја чувствуваме моќта на надежта и на радоста, се навраќаме на основните човечки вредности. Ја чувствуваме потребата да бидеме солидарни, хумани, чесни и праведни. Да се сакаме, да си простуваме и да се почитуваме. Позитивните мисли што носат ведрина во овие празнични денови, треба да не водат во текот на целата година. Но, да бидеме и доблесни да ги признаеме сопствените грешки и пропусти и да учиме од нив. Да бидеме храбри пред повикот на одговорноста и сите заедно да се посветиме и да градиме праведно општество засновано врз вистината, слободата и мирот. Само во успешна и просперитетна татковина ќе можеме да ги оствариме нашите  желби, порача Иванов.

Претседателот на државата на граѓаните им посакува овие празнични мигови да ги поминат достоинствено и спокојно, со луѓето кои најмногу ве сакаат, почитуваат и чуваат.

-Ви посакувам многу здравје, радост и среќа, и на секој предизвик да одговорите со мудрост и со добрина. Ви посакувам да имате меѓусебно разбирање, доверба и многу љубов во семејството, со пријателите, соседите, колегите и со сите ваши сограѓани. Од сè срце ви посакувам Среќна Нова 2019-та Година!-порача Иванов.