Јаболкопроизводителите од Преспа денеска протестираат на магистралниот пат Ресен – Битола, кај Макази. Протестот доаѓа по состанокот на иницијативниот одбор на овоштари. Заради проблемите со пласманот и хиперпродукцијата, 50.000 тони јаболка останаа во магацините. Затоа бараат средба со премиерот, но и да се врати повторно интервентната мерка од 3 денари.
-И потребна ни е таа поддршка да ја добиеме и во 2019 година. Ние бараме интервентната мерка која важеше до декември да продолжи до 30 јуни 2019 година, изјави Менде Ивановски, претседател на иницијативниот одбор.
Покрај интервентната мерка, бараат што побрзо да им се исплатат и штетите за 2017 година и субвенциите, затоа што велат дека сега започнува сезоната на активности во јаболковите насади.