Актуелно 10.06.2026 10:55

Јаневска: Честитки за успешно завршената учебна година, да продолжиме заедно да ги спроведуваме промените за поквалитетно образование

Јаневска: Честитки за успешно завршената учебна година, да продолжиме заедно да ги спроведуваме промените за поквалитетно образование

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, упати порака по повод завршувањето на учебната 2025/2026 година, оценувајќи дека изминатата година била подобра од претходната и дека во воспитно-образовниот процес биле воведени бројни новини во интерес на учениците, наставниците, стручните соработници, родителите и старателите.

„Благодарност до сите за поддршката и прифаќањето на промените. Уверена сум дека веќе ги гледаме првите позитивни резултати, што претставува дополнителен мотив да продолжиме со унапредувањето на образовниот систем“, порача Јаневска.

Таа им честиташе на основците и средношколците за постигнатите успеси и им посака убав летен распуст, исполнет со одмор, дружење и незаборавни спомени. Министерката истакна дека учениците треба да одвојат време и за читање, стекнување нови знаења и развој на личните вештини.

„Компјутерите и дигиталните алатки што им се достапни нека ги користат мудро за учење, истражување и откривање нови можности“, рече Јаневска.

Во пораката, министерката посебно се осврна на улогата на наставниците, нагласувајќи дека тие остануваат најважниот столб на квалитетното образование. Според неа, наставниците со посветеност и професионалност ја реализирале наставата и им го пренесувале знаењето на учениците на најдобар можен начин.

Јаневска потсети дека е донесена одлука за ново зголемување на платите на наставниците за 7,5 проценти.

„За дополнително да ја поттикнеме нивната мотивација и креативност, донесовме одлука за ново зголемување на платите за 7,5 проценти, со што кумулативниот раст во последните две години надминува 20 проценти“, истакна министерката.

Паралелно, како што наведе, се вложувало во подобрување на условите за настава и работа, но и во создавање можности за професионален и кариерен развој. Во таа насока биле реализирани нови повици за напредување на наставниците и стручните соработници во звања ментор и советник во основното образование, а за првпат ваква можност била обезбедена и во средното образование.

Министерката порача дека партнерството меѓу сите чинители во образовниот процес треба да продолжи и во иднина.

„Најдобриот интерес на учениците е наш заеднички приоритет и останува во фокусот на сè што правиме“, нагласи Јаневска.

Таа упати благодарност и до родителите и старателите, оценувајќи дека нивната посветеност и грижа најдобро се препознаваат преку развојот и однесувањето на децата. Во следната учебна година, како што рече, очекува уште поголема проактивност и соработка, особено во справувањето со врсничкото насилство.

„Секој од нас има подеднакво важна улога во создавањето безбедна, мирна и поттикнувачка училишна средина“, порача министерката.

Јаневска најави дека пред Министерството за образование и наука претстои работно лето, во кое ќе се работи на повеќе значајни процеси, меѓу кои реализацијата на државната матура, уписите во средното образование, набавката на нови учебници, изработката на нови наставни програми, забрзувањето на дигитализацијата и завршувањето на повеќе инфраструктурни инвестиции.

„Задоволни од досега сработеното, продолжуваме мотивирано и посветено да создаваме уште подобри услови за успешна учебна 2026/2027 година“, истакна Јаневска.

На крајот од пораката, министерката на учениците, наставниците, родителите и сите вклучени во образовниот процес им посака добро здравје, среќа и пријатен летен распуст.