Генералниот секретар на најголемата опозициска партија, Игор Јанушев во своето вечерашно гостување во емисијата Анализа на телевизија 24 истакна дека доколку власта на СДСМ очекувала дека Договорот од Преспа ќе го поддржи мнозинството на граѓаните во Македонија, референдумот ќе бил задолжителен, а не како што е сега консултативен.
Ваквата реакција на Јанушев доаѓа како одговор на тезата на неговиот соговорник, министерот за јавна администрација и информатичко општество, Дамјан Манчевски кој забележа дека тој го смета референдумот уште сега за успешен.
Јанушев меѓу другото говореше и за тоа што за опозицијата се подразбира како успешен референдум.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека успешноста на референдумот не може да се толкува, а за успешен референдум според Законот за референдум се смета оној на кој ќе излезат педесет плус еден проценти од запишаните гласачи во избирачкиот список.
За крај тој порача дека секое поинакво толкување е само обичен обид за манипулација.