Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев во вечерашното гостување во дебатната емисија Топ Тема, на телевизија Телма истакна дека ВМРО-ДПМНЕ не го поддржува и никогаш нема да го поддржи, како што вели, капитулантскиот договор кој владата на СДСМ го потпиша со Грција.
Јанушев вели дека ВМРО-ДПМНЕ од самиот старт е против договорот, а напоменува дека поистоветувањето на договорот со ЕУ и НАТО е апсурдно.
-Ние од самиот старт сме против договорот и ставањето на европска Македонија и поврзувањето на референдумот исклучително само со ЕУ и НАТО е еден добар спин кој што се обидува партијата на Кирацовски да го направи. Меѓутоа тоа меѓу народот не поминува, вели тој.
Јанушев забележа дека ова е национално прашање кое е од исклучителен интерес за државата и граѓаните на Македонија, а пред се на Македонците, овој договор вели тој ќе влијае на историјата, сегашноста како и иднината.
-Станува збор за национално прашање кое што ако кажам дека е од исклучителен интерес на државата и граѓаните на Македонците пред се, веројатно е премал збор. Бидејќи се ова што се случува влијае на се она што нашите предци го правеле низ историјата, низ стотици, стотици години наназад. Влијае на нас кој што ја живееме сегашност, но меѓутоа ќе влијае и на идните поколенија, заклучи Јанушев.